Економија
МТСП: Поголеми плати за вработените во градинките

Покачувањето на платите на вработените во градинките продолжува и во 2019 година. Со измените на Законот за детска заштита, коишто се во собраниска процедура и треба да се најдат на гласање пред пратениците, предвидено е покачување на платите на кадарот во градинките. Со истите измени за првпат се предвидува и кариерен развој во секторот детска заштита, со што се враќа достоинството на вработените во градинките. Зголемувањето на платите, но и започнатите реформи беа тема на денешниот состанок на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, со директорите на градинките од цела Македонија.
Министерството за труд и социјална политика и изминатата година обезбеди за 5 % повисоки плати за сите 4.300 вработени во градинките кои добија покачување. Исто така, за неполна година беше обезбедена финансиска согласност за вработување на над 1 000 лица, од кои поголемиот дел се на неопределено време.
Процесот на јакнење на детската заштита продолжува и годинава со зголемување за 300 % на буџетот за капитални инвестиции во градинки. Со дополнителни 15 милиони евра од Светска банка се обезбедува простор за околу 7 000 нови деца во градинките, но истовремено работиме и на јакнење на кадрите. Не инвестираме само во зголемување на капацитетите на градинките, туку во целосна преобразба на детската заштита, односно го менуваме начинот на кој државата се грижи за децата.
За да имаме успешно рано учење, неопходно е да имаме и квалитетен кадар во градинките. Во соработка со УНИЦЕФ се работи на професионалните компетенции на сите вработени. Дел од воспитувачите/чките по поминатите обуки, стекнатите вештини ќе треба да ги пренесат на своите колеги. Со втората фаза ќе се дефинираат компетенциите за директорите негователите, стручни работници и стручни соработници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Вредноста на синдикалната минимална кошница во септември намалена за 430 денари

За покривање на основните животни потреби, во септември на четиричлено семејство му се потребни 65.077 денари, пресмета Сојузот на синдикати на Македонија. Споредено со месец август, вредноста на синдикалната минимална кошница е намалена за 430 денари.
Месецов за храна и пијалоци, како што стои во табелата, се потребни 23.394 денари, односно 670 денари помалку од август, кога требало да се потрошат 24.064 денари.
Според пресметките на синдикатите, доколку семејството живее под кирија, во изнајмен стан од 60 квадрати, месецов ќе му требаат најмалку 80.452 денари.
Економија
МФ: „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг „BB+“ со стабилен изглед, препознавајќи стабилен раст и доверливи економски политики

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потвди кредитниот рејтинг на РС Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед.
Според Министерството за финансии, оваа оценка е потврда за стабилноста на економските политики и сигнал за доверба во макроекономските перспективи на земјата.
„Во својот извештај, „Фич“ нагласува дека кредибилните и доследни макроекономски политики, долгогодишната политика на фиксен девизен курс и подобрите показатели за управување во однос на земјите со слична оценка остануваат клучни фактори што ја поддржуваат стабилноста. Во првата половина од 2025 година, реалниот БДП порасна за 3,2%, поддржан од силна приватна потрошувачка и зголемен извоз. Економските изгледи за следниот период се позитивни“, велат од Министерството за финансии.
„Фич“ очекува економијата да оствари раст од 3,2% за целата 2025 година и просечно 3,4% во периодот 2026–2027, што е над потенцијалниот долгогодишен раст од околу 3%.
„Растот дополнително ќе го поттикнат големите инфраструктурни проект кои ќе создадат нови можности за инвестиции и поврзување на економијата со европските пазари. Посветеноста кон процесот на евроинтеграции е дополнително препознаена како сидро за спроведување на структурни реформи и зајакнување на институциите. Иако се очекува умерено намалување на странските директни инвестиции по рекордните 7% од БДП во 2024 година, тоа главно се должи на недостиг на работна сила и глобалната неизвесност во автомобилската индустрија“, пишуваат од МФ.
Според „Фич“ ограничувачки фактори за економскиот развој се негативните демографски трендови како и нискиот раст на продуктивноста, кои претставуваат структурни предизвици на среден рок.
„Фич“ ја нотира одложената имплементација на Законот за буџети, заради инвестициските активности и очекува постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг на ниво значително под прагот од 60% од БДП на среден рок.
„Потврдата на кредитниот рејтинг на „BB+“ со стабилен изглед е значаен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите дека РС Македонија успешно ја зачувува економската стабилност во услови на глобални предизвици.Оваа одлука е дополнителна потврда за кредибилноста на економските политики и претставува охрабрување за продолжување на реформите, за јакнење на фискалната дисциплина и за подобрување на конкурентноста на економијата, со крајна цел обезбедување повисок животен стандард за граѓаните и нови можности за развој“, стои во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Цените на кафето Арабика паднаа на најниско ниво во последниот месец

Цените на кафето арабика паднаа на најниско ниво во последниот месец – 8 долари (6,8 евра) за килограм.
Ова дојде по веста дека американските парламентарци подготвуваат закон за ослободување на увозот на кафе од царини, кои беа воведени во јануари 2017 година, објави „Трејдинг економикс“.
Претставници на обете партии во американскиот Конгрес, и републиканци и демократи, поддржуваат предлог што би го опфатил печеното кафе, како и кафето без кофеин и нуспроизводите.
Дури и ако Конгресот го усвои, предлогот сепак ќе бара потврда од американскиот претседател Доналд Трамп.
Пазарите на кафе беа нестабилни, а арабика се приближи до рекордни максимуми претходно оваа недела поради неизвесноста во снабдувањето и трговските нарушувања по царините што САД ги воведоа врз Бразил, најголемиот извозник на кафе во светот.
Потенцијалното ослободување би ги намалило тие притисоци, бидејќи бразилските земјоделци би можеле да ослободат залихи и да ја зголемат понудата.
Временската прогноза е исто така во фокусот, а очекуваните врнежи од дожд во Бразил се клучни за жетвата следната година.
Од друга страна, Виетнам се подготвува за најголемата жетва на кафе робуста во последните четири години, што дополнително влијае на цените.