Економија
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност направи измени на тарифникот, Предлог-одлуката е доставена до Владата
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска одржа нова седница на која ја разгледа Анализата за оправданоста и исправноста на донесените одлуки на друштвата за осигурување, подготвена и доставена до Комисијата од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како регулатор на работењето на осигурителниот пазар.
По разгледување на Анализата, а врз основа на наодите, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност одржа седница и утврди потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготви Предлог-измени и дополнувања на Тарифата на премии со кои се доуредува член 3 во насока на заштита на корисниците, извести Министерството за финансии.
Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година.
Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.
Одлуката за донесување нова тарифа се заснова на Анализата на АСО со која се укажува дека на 23.04.2024 година, 11 друштва за осигурување кои вршат работи на осигурување во групата на неживотно осигурување доставиле известувања до Агенцијата за супервизија на осигурување за донесени одлуки на нивните органи на управување за зголемување на премиите за задолжително осигурување од АО, при што се повикуваат на одредбите од Тарифата на премии за осигурување од АО, објавена во „Службен весник на РМ“ бр. 191/2018, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата за спроведување на дејноста, односно т.н режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување (член 3 од Тарифата). Притоа известувањата на друштвата до АСО не содржат финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент на кој се повикуваат друштвата за осигурување се растечките трошоци од работење, кои не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети, соопшти Министерството за финансии.
Дополнително, ставот на Комисијата е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на Друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила.
Предлог-одлуката што ја усвои Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница е доставена на усвојување до Владата на РС Македонија.
Состојбите на пазарот ќе се следат и во наредниот период и ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес. Во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност во втората половина од април 2024 година, Министерството за финансии ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седници на 26, 29 и 30 април и 02 мај 2024 година со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

