Економија
Министерството за финансии: Со законски измени до поголема заштита на корисниците на осигурителни полиси

Oсигурителните компании ќе бидат обврзани во рок од 5 дена сите измени што ги прават во општите и посебните услови на полисите за осигурување да ги објават на својата веб-страница, велат од Министерството за финансии (МФ) во пресрет на измените и дополнувањата што Министерството ги направи во Законот за супервизија на осигурувањето.
Измените, како што додаваат оттаму, се со цел заштита на правата на потрошувачите, како и подобра информираност и поголема транспарентност. Во насока на обезбедување целосно ликвидни средства за непречено сервисирање на обврските на друштвата за осигурување, предложено е дополнување на Законот. Во согласност со предложената одредба, акционерскиот капитал на друштвото за осигурување мора да биде само во паричен облик и да биде уплатено во целост, стои во соопштението на Министерството за финансии.
„Од особена важност за осигурителната фела, поточно актуарската професија, е предложената измена во Законот, со која се предвидува нов концепт за полагање на испитот за актуар. Досегашниот електронски начин на полагање се покажа како неприменлив во пракса поради што и подолг период не се одржал испит за актуари“, се наведува во соопштението на МФ.
Ваквите измени и дополнувања на Законот се веќе влезени и во собраниска процедура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се воведуваат пет нови линии кон домашните аеродроми, до Охрид ќе се лета од Катовице, Вроцлав и Милано, а до Скопје од Будимпешта и Наполи, најави Николоски

Имаме три убави вести во однос на авиосообраќајот, а тоа е дека воведуваме уште пет нови авиолинии и тоа до Охрид од Катовице, Вроцлав и Милано, а до Скопје од Будимпешта и Наполи. Визер следната година ќе понуди 3,3 милиони седишта за Македонија што ќе има директен импакт врз туризмот и економијата, а ќе донесе шест нови авиони од типот Ербас А321. Дополнително ќе работимена тоа да се вработат уште стотина македонски граѓани во авиокомпанијата, истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
До охридскиот аеродром како што најави, ќе се лета од Катовице -Полска од 28 јуни следната година, Вроцлав исто така Полска од 28 јуни следната година, што, според него, е многу значајно за отворање на Полска како земја која е многу заинтересирана за туризам во Македонија, особено полските туристи кои како што рече Николоски, се добродојдени во охридскиот регион.
Третата дестинација е Милано-Малпенса главниот аеродром која исто така ќе оперира од 28 јуни следната година. На тоа додаваме уште две нови линии кон скопскиот аеродром, Наполи-Италија со почеток од 6 април следната година и Будмишта -Унгарија од 6 април следната година. Ако на ова ги додадеме претходните пет линии кои ги објавивме пред месец дена, тоа е главниот аеродром Стокхолм и Мадрид кои почнуваат од 2 ноември, потоа Келн кој што почнува на 20 декември, Бари и Прага исто така на 20 декември и Ларнака која почнува на 30 октомври, тоа се вкупно 11 нови авиолинии за само месец и половина во соработка со нашите пријатели од Визер.
Втората вест е дека Визер на скопскиот аеродром ќе донесе шест авиони кои ќе бидат постојано присутни на аеродромот, до сега беа четири, ќе оди и на 7-8 и што е многу значајно прават замена на старите Ербас А320 на нови Ербас А231, кои се најмодерните авиони во светот во моментов“.
Како што појасни Николоски, тоа се авиони кои најмалку загадуваат и прават помалку бучава и авиони кои се со 239 седишта што ќе значи околу 59 % зголемување на капацитетот од следната година.
„Визер од следната година ќе понуди 3,3 милиони седишта за Македонија што може да замислите што ќе значи за туризмот и за економијата во Македонија. Третата добра вест е 200 Македонци работат во Визер и таа бројка планираме во следниот период да ја зголемуваме за најмалку уште 100”, додаде вицепремиерот.
Извршниот директор на Визер, Јосеф Варади истакна дека во Македонија гледаат партнер и како пазарен лидер во регионот воведуваат бенефити за граѓаните. Потенцираше дека до крај на годината ќе воведат шест летала и пониски цени, како и 3,3 милиони седишта во следната година за Македонија што ќе значи развој на туризмот и економијата. Тој додаде дека очекува дополнително да се вработуваат македонски граѓани во компанијата.
Економија
Претседателот на Сојузот на стопанските комори избран за член на Високиот совет на Светската федерација на стопанските комори

Сојузот на стопанските комори на Македонија информира дека претседателот Трајан Ангелоски учествува на 14-тиот Светски конгрес на стопанските комори (14WCC), кој се одржува од 2 до 4 септември 2025 година во Мелбурн, Австралија.
Во рамките на овој значаен глобален настан претседателот Ангелоски беше избран за член на WCF General Council – највисокото управно и одлучувачко тело на Светската федерација на стопанските комори.
Од Сојузот велат дека ова претставува исклучително признание и голема чест за Македонија, со што нашата земја добива свое место и глас во креирањето на клучните стратегии, политики и насоки за развој на стопанските комори и деловната заедница на светско ниво.
Конгресот во Мелбурн обединува водечки претставници од сите континенти со цел унапредување на меѓународната соработка, создавање нови деловни можности и зајакнување на врските помеѓу стопанските комори и компаниите. Настанот беше свечено отворен од г. Пол Гвера, извршен директор на Victorian Chamber of Commerce & Industry и од градоначалникот на Мелбурн, Lord Mayor г. Николас Рис, кој ја поздрави меѓународната делегација и ја истакна важноста на Конгресот за глобалната бизнис-заедница.
Членството на претседателот Ангелоски во WCF General Council е силна потврда дека Македонија се позиционира како активен и влијателен партнер во глобалните економски текови обезбедувајќи нови можности за домашните компании и претприемачи.
„Ова е значаен момент и гордост за нашата држава. Со овој чекор Македонија добива право на глас во донесувањето на најважните одлуки на меѓународно ниво, а воедно и можност да го претстави својот претприемачки дух пред светот“, истакна Ангелоски.
Економија
(Видео) Лукаревска: Владата се задолжи 15 милиони евра за проект кој е 94,3% реализиран

Денес пред целата јавност, зборувавме за уште едно ново задолжување на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од 15 милиони евра. Задолжување за проект кој, според официјалните податоци, е реализиран 94,3%. Прашањето е, зошто 15 милиони евра за само 5,7% нереализирани активности, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната собраниска седница.
Таа потенцираше дека овој проект, вреден 21,5 милиони евра, беше донесен уште во декември 2020, со поддршка од мнозинството предводено од СДСМ.
„Истите тие кои денес седат во Владата, тогаш го критикуваа. Неосновано. Обвинуваа за ‘душманско трошење’, велеа ‘нов ден, ново задолжување’. А сега е исто, само износот на којшто треба да се задолжиме е различен. Дали денес ги има тие стандарди? Ги има. Новото законско решение се носи без ниту еден претставник од Министерството за образование. Владата на ВМРО-ДПМНЕ носи закон за образование без ресорниот министер , “, потенцираше Лукаревска.
Таа потсети дека во предлог-законот се задржани истите четири компоненти од првичното решение, вклучително и компонентата за консултанти и обуки, токму она што го критикуваа ДПМНЕ кога беа во опозиција.
„Што е сменето? Ништо. Освен што сега трошат уште 15 милиони евра. И ова се прави пред избори за да можат градоначалниците да се пофалат со поддршка од централната власт. Замислете, денес е втори септември, изборите се на 19 октомври“, рече Лукаревска.
Според неа, ова задолжување нема економска логика, нема образложение, нема нишка отчетност.
„Ова не е развојна инвестиција, ова е политичка злоупотреба. Постојат и други небулози кои го детерминираат ова законско решение, односно ова задолжување, како една несоодветна конзистентност во она што значи политики на една или друга политичка партија. Ако нешто се критикуваше претходно од опозицијата, што е сменето сега за да се поддржи кога сте власт? Веројатно овде ќе важи и она правило: Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“, истакна Лукаревска.