Економија
Над 90 труда на студентската конференција за енергетска ефикасност
Повеќе од 90 студенти со свои научни трудови учествуваат на шестата Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕОР), која се одржува на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.
„Сметаме дека е од исклучителна важност да се организира настан чија целна група се студентите кои како академски граѓани ќе имаат водечки улоги во областа на енергетиката, енергетската ефикасност и одржливиот развој, актуелни полиња со непроценливи можности. Самата конференција има научен и едукативен карактер, со што студентите ги продлабочуваат своите знаења во областите од нивен интерес и тоа соработувајќи со најдобрите стручни лица во соодветните теми во фокус“, потенцира Ангела Најдоска, претседател на Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој (СКЕЕОР).
Професорката Маргарита Гиновска, координатор на Конференцијата, истакна дека меѓу студентите има учесници од Колумбија, Словенија, Израел, Србија и од Бугарија со свои научни труда и повеќе од 10 пленарни предавања од реномирани професори и претставници на компании.
„Навистина сум неизмерно задоволна од она што студентите успеваат да го постигнат од научен и организациски аспект. Особена среќа ми претставува тоа што сите овие години имаме одлична соработка и успеваме да организираме сè поуспешна конференција за која има сè поголем интерес. Имаме навистина солидни студенти со огромен потенцијал, кои со моја помош успеваат да го канализираат преку еден ваков уникатен настан. Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи уште многу години!“, потенцира Гиновска.
Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, во својот говор истакна низа активности што ги презема Факултетот за енергетска ефикасност и одржлив развој.
„Пред неколку години ја реновиравме фасадата во енергетски ефикасна фасада, сега работиме на реновирање на внатрешната фасада. Инсталиравме систем за мониторирање на потрошувачката на електрична енергија. Исто така, на ФЕИТ во функција се две фотоволатаични централи со вкупна моќност од 22 KW, а планираме да инсталираме уште 28 KW. Континурано се менуваат светилките со ефикасни светилки, поставуваме сензори за движење по ходници и водиме сметка за селекција на отпад“, рече Ташковски.
Студентската конференција ја организираат студентите на ФЕИТ, под покровителство на Факултетот и на Град Скопје. Студентите ги поздрави професор Љубица Јанчева, претседател на Совет на Град Скопје.
„Да се пронајде нешто корисно – енергетската ефикасност, потоа да се искористи во склад со природата и да се донесе во релација со одржливиот развој, веројатно е големо научноистражувачко задоволство. Но, за актуализирањето на релацијата потребни сте секогаш и вие, почитувани претставници од академско-научната заедница, но и вие, студенти, кои како млади истражувачи со вашите креативни идеи, ќе партиципирате и во актуализирање и во одржување на релацијата, и тоа во локалните одредници, но и пошироко“, вели Јанчева.
Основната идеја на конференцијата е да се разменуваат идеи и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании, со што се прави чекор напред кон решавање на дел од проблемите од областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој како две светски актуелни прашања на кои интензивно се работи и во Македонија.
Првпат годинава, во рамките на конференцијата, ќе се одржи хакатон во проосториите на ИНОФЕИТ посветен на развивање на идеите на студентите во насока на остварување успешни бизнис-модели и планови, во соработка со професори, директори од влијателни компании и личности од бизнис-секторот. Целта е да се поттикнат студентите да ги насочат своите идеи и активности кон суштинска импементација и развивање иновативни бизниси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Скопје го предводи порастот на хипотеки – над 1.500 впишани за три месеци
Во периодот април – јуни годинава се запишани 2.876 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 551.537.664 евра и 8.319.220.917 денари, покажува Извештајот за работата на Агенцијата за катастар на недвижност за вториот квартал годинава.
Од април до јуни годинава во Центарот за катастар на недвижности Скопје се впишани 1 522 хипотеки во вредност од 289.526.966 евра и 4.999.018.379 денари, а во 29-те одделенија на катастарот низ државава 1 354 со вредност од 262.010.698 евра и 3.320.202.538.
Хипотеките во вториот квартал се за 280 повеќе во однос на тие во првиот квартал 2025-та кога биле впишани 2.596 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 384.969.557 евра и 4.929.828.022 денари.
Статистиката на АКН покажува зголемување на бројот на хипотеки во изминатите неколку години. Минатата година, во периодот јануари – декември се запишани 8.748 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 1.719.022.360 евра и 15.161.817.874 денари, а во 2023 година 7.844 со вредност од 1.572.943.764 евра, 11.585.447.070 денари, 77.983.115 швајцарски франкови и 108.772 американски долари. Во 2022 година, пак, се регистрирани 7.658 товари врз недвижностите во вредност од 1.549.977.309 евра, 9.452.669.859 денари и 20.000 американски долари, а во 2021 8.386 и со вкупна вредност од 1.997.252.023 евра и 15.824.963.591 денар.
Во базата на Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал годинава се внесени 6.135 купопродажби на недвижности (збир од вкупниот број на продажби, продажби на лицитација, продажби од инвеститор и откуп од Република Северна Македонија), за 580 повеќе во однос на претходниот квартал, кога биле регистрирани 5.388.
Според последните податоци на Народната банка, во септември годинава, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, на месечна основа се зголемени за 0,9 проценти и 1,6 проценти, соодветно, при годишен раст од 10,2 проценти и 16,1 процент соодветно.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.

