Економија
Народната банка ги засили активностите за унапредување на платежните услуги
Развивањето на платните системи, создавањето простор за унапредување и развивање на пазарот на платежни услуги и поддршката на примената на нови иновативни технологии во финансискиот сектор се дел од приоритетите на Народната банка. На нив се фокусирани и значителен дел од активностите во рамките на твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки“, финансиран од Европската Унија.
Во рамките на овој проект, Народната банка активно соработува и со Банката на Литванија, со којашто е направено и согледување на нашето досегашно искуство во оваа сфера, досегашната соработка со финтек-компаниите и на постојната регулаторна рамка, како и на очекуваните промени во сферата на плаќањата во контекст на претстојното спроведување на концептот на отвореното банкарство.
На 15 октомври 2020 година, како дел од проектот беше организиран настан во виртуелен формат на којшто посебно внимание му беше посветено на искуството на Банката на Литванија како поддржувач на финтек-секторот. Притоа, посебен акцент беше ставен на платформата во Литванија за комуникација помеѓу иновативната бизнис-заедница, централната банка и другите релевантни институции, каква што е и Портата за иновации којашто Народната банка ја отвори кон крајот на минатата година. Искуството покажува дека ваквите платформи се многу важни за поставување соодветна регулаторна рамка којашто ќе поддржува иновативни решенија, притоа водејќи сметка за потенцијалните ризици.
„Имајќи ги предвид промените коишто ги предвидува новиот Закон за платежни услуги и платни системи, на којшто Народната банка работи заедно со Министерството за финансии, во презентацијата посебно беше истакнат литванскиот платежен пејзаж и активностите на платежните институции, институциите за електронски пари и новите финтек-компании. Во овој контекст, се разгледаа можностите, но и предизвиците со коишто се соочуваат земјите при воведувањето на ваквиот пристап во областа на платежните услуги и системи. Инаку, носењето и спроведувањето на новата регулатива кај нас ќе придонесе за транспонирање на најновото европско законодавство во оваа област и создавање услови за значајни промени во прилог на дигитална трансформација и поголема конкуренција.
Одделно беа презентирани и искуствата во сферата на заштитата на потрошувачите, што беше од посебно значење за експертите од нашата земја, имајќи предвид дека Народната банка сѐ повеќе ги зголемува своите активности во овој домен. За таа цел неодамна е формирана и посебна работна група којашто треба да изготви и предлог-рамка на активностите во сферата на заштитата на потрошувачите, при што ќе бидат земени предвид и искуствата посочени во оваа презентација.
Презентацијата беше мошне корисна и во контекст на подготовката на Стратегијата за примена на финансиски технологии, којашто е дел од Програмата на Народната банка.
Имајќи ја предвид потребата од координирано дејствување во натамошните чекори за поддршка на домашниот финтек-сектор, на настанот, покрај експертите од Народната банка, беа поканети и претставници на деловните банки, штедилниците, Македонската банкарска асоцијација, како и претставници на повеќе институции и професори и студенти од економските и правните факултети во земјата“, се наведува во соопштението.
Твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки“, покрај на платежните услуги и системи, е фокусиран и на статистиката на финансиските сметки, активности во сферата на регулативата и супервизијата на банките и на истражувачки активности за анализа на политиките.
Во спроведувањето на проектните активности, партнери на Народната банка се централните банки на Германија и Хрватска, а во дел од активностите покрај експерти од централната банка на Литванија, вклучени се и експерти од централните банки на Белгија, Португалија, Романија, Холандија, Словачка и Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.