Економија
Народната банка ги информира корисниците: Воведенa е новa веб-услуга за автоматизирано преземање податоци од курсната листа

Народната банка изработи и воведе нова веб-услуга за автоматизирано преземање на податоците од Курсната листа, којашто веќе може да се користи напоредно со старата. Оттука, Народната банка ги информира приватните субјекти дека старата веб-услуга којашто што е достапна на веб-страницата ќе се користи до крајот на мај 2024 година и дотогаш сите корисници треба да почнат да ја употребуваат новата веб-услуга. Деловните банки веќе се префрлија на новата апликација и автоматизирано ја читаат Курсната листа секој ден. Оваа апликација на Народната банка за Курсната листа и за курсевите за државните органи е изработена со нови современи алатки и е достапна на следнава врска: https://www.nbrm.mk/web-servis-novo.nspx , на која има и упатство за корисниците за нејзиното користење.
Воведувањето на новата услуга е во рамките на унапредувањето на ИТ-безбедноста на процесите преку примена на нови технологии коишто се поотпорни на нападите од дигиталниот простор. Постојаното јакнење на киберотпорноста, како и користењето на технологиите за подобрување на услугите кон корисниците е заложба на централната банка. Оттука, неодамна започна билатерална соработка со централната банка на Италија, проект на Европската Унија, чијашто цел е преку пренесување на искуствата да се зајакнат стандардите и најдобрите практики во Народната банка за развивање и одржување апликативен софтвер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.