Економија
Народната банка домаќин на Петтиот состанок на Регионалната работна група за финансиска едукација на ЈИЕ
Во Скопје денеска гостуваат претставници на централни банки и на други регулаторни институции на националните финансиски системи од нашиот регион, како и претставници на дел од меѓународните институции во чиј фокус се активностите за подигнување на нивото на финансиската писменост. Народната банка е домаќин на Петтиот состанок на Регионалната работна група за финансиска едукација на Југоисточна Европа, на кој ќе се дискутира за досегашниот напредок на полето на финансиската писменост и на финансиската инклузија во регионот, како и за натамошното засилување на активностите во оваа сфера заради постигнување подобри резултати на регионално ниво.
„Финансиската писменост е значајна од повеќе аспекти – овозможува носење соодветни одлуки од страна на секој поединец, особено во услови на брз раст на нови финтек-производи и услуги, придонесува за одржување на вкупната финансиска стабилност, поттикнува домашно штедење коешто е клучно за инвестиции, како и побрза реална конвергенција на економиите и обезбедува поддршка за повисока финансиска инклузија, којашто, пак, е клучна за инклузивен економски раст“ – истакна гувернернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во поздравното обраќање со коешто го отвори состанокот. Таа детално се осврна на актуелните состојби и на податоците за нивото на финансиската едуцираност во Југоисточна Европа, коишто укажуваат на потребата од уште поголемо и посоодветно вложување во оваа сфера.
На првата сесија на состанокот се зборуваше за глобалните трендови на полето на финансиската едукација и финансиската инклузија, при што свои излагања имаа и претставници на Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ-ОЕЦД) и на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Учесниците коишто ги претставуваат финансиските институции од регионот, на состанокот разменуваа мислења за најсоодветните начини на прифаќање на дел од овие глобални трендови преку натамошните активности во регионот. Заедничка цел е да се успее во спроведувањето координирана акција на регионално ниво во која ќе се инсистира на вклучување на сите релевантни субјекти.
Како што беше истакнато на почетокот на состанокот, особено е важно што кај финансиските регулаторни институции од регионот постои и желба и подготвеност за координирано спроведување на голем дел од натамошните активности и на регионално ниво. Оттука, во рамки на состанокот ќе се потпише и првиот меморандум за соработка меѓу повеќе централни банки од Југоисточна Европа на полето на финансиската едукација и финансиската инклузија. Неговите одредби се одраз и на заедничката определба на централните банки за координирано и успешно одговарање на новите предизвици во оваа сфера во целиот регион. Се очекува дека исполнувањето на она што е досега зацртано во меморандумот може да донесе бројни придобивки, како за граѓаните и корпоративниот сектор, така и за финансиските системи и за унапредувањето на пазарите на капитал во регионот – за економиите во Југоисточна Европа во целина.
На состанокот ќе се одржат и три тематски сесии на кои учесниците одделно ќе се осврнат на досегашните институционални искуства на национално ниво, на полето на финансиската писменост и инклузија. Последната сесија ќе биде пред сè фокусирана на размената на мислења за идното делување на централните банки и другите финансиски регулатори во оваа сфера.
Во изминатиот период Народната банка ги засили своите активности за подигнување на финансиската писменост кај нас, а од оваа година и финансиската инклузија е дел од нејзината работна агенда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

