Економија
Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 54. сесија на Клубот на истражувачите

Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 54. сесија на Клубот на истражувачите, којашто ќе се одржи на 27 март 2025 година (четврток), со почеток во 14:00 часот, во просториите на Народната банка. Заинтересираните истражувачи може да се пријават со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 12 март 2025 година (среда).
Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија.
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата.
Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мешаните тимови – клучот за бизнис-успехот

Вчера се одржа настанот „Рамо до рамо“, организиран од Алијансата за родова еднаквост на работното место и Халкбанк. Настанот ги обедини претставниците од приватниот и невладиниот сектор, со цел да поттикне меѓусебна размена на искуства за создавање работни средини што се не само успешни, туку и праведни, инклузивни и иновативни. Компаниите кои вложуваат во мешани тимови создаваат подобра работна динамика, носат поквалитетни одлуки и постигнуваат одржлив успех. Различните перспективи носат нови идеи и креираат продуктивна работна средина, што води до подобра корпоративна култура и поголема конкурентност на пазарот.
Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) активно работи на промовирање на практики и компании каде што жените и мажите имаат еднакви можности за напредок, еднаква застапеност и еднакво вреднување на трудот. Преку своите иницијативи, GEA поттикнува инклузивна култура што ја гледа различноста како двигател на успехот. Како дел од глобалната иницијатива на UN Women за исполнување на Целта за одржлив развој #SDG5 – Родова еднаквост, GEA придонесува за градење поправедно и просперитетно општество.
„Нашата мисија е јасна: да ја намалиме родовата нееднаквост на работното место и да се осигураме дека талентот, амбицијата и посветеноста—а не полот—ги дефинираат можностите и успехот. Преку соработка со приватниот и невладиниот сектор, но и со медиумите, се стремиме еднаквоста да не биде само идеал, туку стандард во секоја индустрија.“ – изјави раководителката на GEA, Марија Ристовска.
Како дел од соработката помеѓу Алијансата за родова еднаквост и главниот партнер Халкбанк, беше креирана инспиративна видео кампања која ја нагласува моќта на родовата еднаквост во работните средини. Видеото ја раскажува приказната на Марија и Кире Крстевски, ко-сопственици на компаниите Bebe Home и CosLoveMetics, кои споделуваат како нивната заедничка работа, довербата и различните пристапи придонесуваат кон нивниот заеднички успех.
„Истражувањата покажуваат дека родово балансираните тимови се поуспешни, поотпорни и поиновативни, бидејќи различните перспективи носат свежи идеи, носат подобри одлуки
и создаваат подобра работна средина. Алијансата за родова еднаквост (GEA) активно работи на унапредување на родовата еднаквост на работното место, поттикнувајќи позитивни промени кај компаниите. Халкбанк ја препознава и поддржува оваа мисија, активно промовирајќи еднаква застапеност и инклузивност како клучни фактори за одржлив успех. Преку оваа кампања, ја истакнуваме важноста на активната вклученост на жените во сите деловни процеси како еден од клучните фактори за успех.“ – изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на GEA.
Халкбанк постојано ја поддржува родовата еднаквост и иновациите и ја нагласува важноста на мешаните тимови во развојот на локалната економија. Со комбинирање на различни вештини, искуства и перспективи, компаниите можат полесно да ги надминат предизвиците и да создадат поконкурентни стратегии за раст.
“Халкбанк како институција во своето работење проактивно имплементира политики и иницијативи за родовата еднаквост, промовирајќи еднакви можности и права за сите поединци, без разлика на полот. Од минатата година преку партнерството со GEA и нашите заеднички иницијативи, активно работиме и на промоција на родовата еднаквост пред пошироката јавност. Токму со оваа заедничка кампања, успеавме на најдобар начин, преку конкретни примери да ги доловиме успесите и резултатите кои произлегуваат од управувањето и функционирањето “Рамо до Рамо”. – изјави Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.
Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место е поддржана од Халкбанк, Eurolink и Casys како главни партнери, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје и A1 Македонија како партнери, а Roche, Сава Осигурување, Сава Пензиско, Евроинс Осигурување и Публицис Груп како поддржувачи. Алијансата е отворена за сите компании и организации кои сакаат да се вклучат и да придонесат кон поголема родова еднаквост и инклузивност на работното место.
Повеќе информации за GEA: https://genderequalityalliance.org/
ПР
Економија
Годишен раст од 11 отсто на вкупните депозити и од 11,3 на вкупната кредитна поддршка

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити остварија раст од 11,0 отсто, во поголем дел поради растот на депозитите на „домаќинствата“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 11,3 проценти како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на ЛИНКОТ.
Економија
Божиновска во посета на Бирото за метрологија: Точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и заштитата на потрошувачите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска го посети Бирото за метрологија, орган во состав на Министерството, со цел да се запознае со тековните активности и предизвици на оваа институција. За време на посетата, министерката Божиновска се сретна со директорот на Бирото, Седат Рушани, и вработените во лабораториите.
Една од главните теми на разговор беше одржувањето и развојот на националните еталони и сертифицираните референтни материјали, кои се од суштинско значење за обезбедување на мерната точност во различни индустрии и научни истражувања.
Министерката истакна дека Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на лабораториите и опремата на Бирото, со цел да се обезбеди усогласеност со меѓународните стандарди и конкурентност на македонските производи на глобалниот пазар.
Ова Биро е задолжено за испитување на квалитетот на горивото, златото, верификација на мерила водомери, мерила на електрична и топлотна енергија, хомологација на возила и друго.
Беше дискутирано за важноста на инспекцискиот надзор над употребата на законските мерни единици и калибрацијата на мерилата, како и за потребата од континуирана едукација и обука на кадарот во Бирото. Министерката Божиновска нагласи дека точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и заштитата на потрошувачите, и дека Министерството ќе вложи напори за зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија.
Во текот на разговорите, министерката побара детален извештај за досегашните активности на Бирото, вклучувајќи ги и предизвиците со кои се соочува институцијата. Таа истакна дека е неопходно да се идентификуваат и адресираат сите потенцијални неправилности или пречки кои можат да влијаат на ефикасноста на работата на Бирото.
Министерката Божиновска ја потенцираше важноста на транспарентноста и отчетноста во работата на сите институции под надлежност на Министерството. Таа изрази очекување дека Бирото за метрологија ќе продолжи со својата посветеност кон одржување на високите стандарди во своето работење и ќе преземе соодветни мерки за надминување на сите идентификувани предизвици.