Економија
Народната банка: Финансиската стабилност е задржана
Советот на Народната банка ја одржа својата редовна седница на која, меѓу другото, го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2023 година. Во Извештајот се оценува дека домашниот финансиски систем е стабилен, добро се справува со предизвиците и дека е отпорен на шокови. Амбиентот во 2023 година беше поповолен, со постепено забавување на инфлацијата, но и забавен економски раст, како и неизвесности и ризици од окружувањето. Сите институционални сегменти од домашниот финансиски систем и натаму функционираат непречено. Ризиците за финансиската стабилност коишто произлегуваат од секој од овие сегменти се умерени, а умерен е и ризикот од „зараза“, односно ризикот од прелевање на ризиците од еден кон другите сегменти од финансискиот систем. Банкарскиот сектор е најголемиот, но и главниот сегмент на финансискиот систем, каде што се концентрирани заштедите на нефинансискиот сектор и ликвидноста на останатите финансиски институции, поради што е клучен за финансиската стабилност на земјата.
Банкарскиот сектор ги задржа стабилноста и сигурноста во работењето, со подобрена солвентност, којашто е на највисоко ниво во последните 17 години, солидна ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио. Во овој извештај е применета нова, унапредена методолошка рамка за спроведување макрострес-тест, којашто претставува надградба на постојната методологија и ги одразува препораките на ММФ за унапредување на стрес-тестирањето на македонскиот банкарски систем. Годинашниот макрострес-тест покажа висок степен на отпорност на домашниот банкарски систем на претпоставените шокови од макроекономското и макрофинансиското опкружување. Макропрудентните мерки што Народната банка ги донесе во доменот на противцикличниот заштитен слој на капиталот имаа значителен придонес за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.
Поради поповолните движења на пазарите на капитал во 2023 година, во споредба со претходната година, приватните пензиски фондови и инвестициските фондови успеаја да остварат солидни годишни стапки на принос, а исто така и осигурителниот сектор оствари подобар финансиски резултат и ја задржа високата солвентност којашто е неколкукратно повисока од минималната пропишана со регулативата од оваа област. Останатите сегменти на финансискиот систем (штедилниците, друштвата за лизинг, финансиските друштва) имаат мало значење во рамките на севкупниот финансиски систем.
Во Извештајот се наведува дека ризиците од нефинансискиот сектор се умерени, со оглед на добрата финансиска позиција на домаќинствата и на корпоративниот сектор и следствено, на ниската стапка на нефункционални кредити во банкарското кредитно портфолио, но е потребна внимателност и претпазливо управување со долгот, за да се обезбеди неговата одржливост и во следниот период. Се заклучува дека домаќинствата и натаму се со умерено и стабилно ниво на задолженост, додека долгот на корпоративниот сектор (мерен преку неговото учество во БДП) е малку повисок, во споредба со претходната година, но засега не упатува на поголеми ризици за неговата одржливост, сепак потребно е внимателно управување со ризиците.
Во Извештајот се наведува дека, во текот на 2023 година, Народната банка ги засили активностите во доменот на климатските ризици, како една од најважните структурни ранливости на коишто се изложени светскиот и домашниот финансиски систем на долг рок.
Домашниот банкарски сектор е изложен на физичките и транзициските ризици поврзани со климатските промени, поради кредитната изложеност на банките кон подрачјата со висок степен на ризичност во однос на природните непогоди и клиентите во дејностите со високи емисии на стакленички гасови, како што се енергоинтензивните дејности и дејностите коишто зависат од фосилни горива.
Во Извештајот е наведено дека окружувањето и натаму е неизвесно и упатува на ризици за следниот период, коишто главно се поврзуваат со можната ескалација на геополитичките тензии и нивното прелевање во глобалната, а посредно и во домашната економија, којашто како мала и отворена, е силно изложена на надворешните шокови. Исто така, евентуалното подолго задржување на заострените финансиски услови би можело неповолно да се одрази врз одржливоста на долгот, со преносни ефекти врз билансите на финансиските институции. Ваквите состојби упатуваат на потребата од натамошна внимателност од страна на финансиските институции и при водењето на макропрудентните политики, како поддршка за задржувањето на финансиската стабилност и во следниот период. Одржувањето силен и отпорен банкарски сектор ќе биде приоритет на Народната банка и во следниот период, што е клучен предуслов за задржувањето на финансиската стабилност. Оттука, во услови на неизвесно макроекономско окружување, макропрудентната политика на Народната банка и натаму ќе биде насочена кон одржување соодветна капитална и ликвидносна сила на домашните банки и со тоа, кон јакнење на отпорноста на евентуалните ризици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)
Економија
MG Motor достигна 1 милион продадени возила во Европа
◾ Продадени 1 милион MG Motor возила во Европа
◾ Испорачани над 300.000 електрични MG Motor возила
◾ 386.000 продажби на домашниот пазар во Обединетото Кралство
◾ Продажбата на Hybrid+ моделите го поттикнува растот
MG Motor денес потврди дека го испорача своето милионито возило во Европа. MG Motor се врати на својот домашен пазар во Обединетото Кралство во 2011 година со моделот MG6, а оттогаш прерасна во сè поприсутен и популарен бренд низ Европа, со повеќе од 1.300 дилерски партнери и присуство на 34 пазари.
Клучен фактор зад подемот на MG Motor е способноста на брендот да понуди навистина достапни, стилски и возбудливи за возење електрични и напредни хибридни возила, достапни пред многу други брендови. Оригиналниот и високо пофален MG4 EV се покажа како значаен успех. До денес, MG Motor има испорачано 317.000 електрични возила во Европа и неодамна ги лансираше моделите 2026 MG4 EV и целосно новиот MG4 EV Urban.
Компанијата исто така беше предводник во воведувањето на електрични возила фокусирани на перформанси, при што впечатливо дизајнираниот MG Cyberster нуди модерно искуство на возење со отворен покрив. Осмислен во дизајнерското студио на компанијата во Лондон, наградуваниот Cyberster имаше водечка улога во одбележувањето на 100-годишнината на MG Motor на фестивалот Goodwood Festival of Speed.
MG Motor оствари и значителен пораст на нарачките во текот на 2025 година со своите високо ефикасни и практични Hybrid+ модели, со 139.000 испораки што дополнително го забрзаа растот на брендот. Guy Pigounakis, комерцијален директор на MG Motor UK, кој придонесе MG повторно да се позиционира меѓу топ 10 брендови на британскиот пазар со вкупно 386.000 продажби, изјави:
„MG Motor успешно се врати во европскиот автомобилски мејнстрим со испораката на своето милионито возило. Длабоката наклонетост кон MG, иконскиот британски спортски бренд, кој има развиена култура на класични автомобили и бројни групи на страствени сопственици, претставува вредност што ја цениме и почитуваме. Ова наследство продолжува да ја обликува нашата стратешка насока и ја зацврстува нашата посветеност кон електричните перформансни автомобили.“
„Сепак, денешниот MG повторно ја стекна својата истакната позиција нудејќи широк избор на модели и усвојувајќи визионерски пристап, особено во сегментот на хибридни и електрични возила, често пред другите, како и преку инвестиции во релевантна и достапна технологија. Воедно, доследно ја истакнуваме вкупната вредност што ја нудиме, на што бројни клиенти позитивно одговорија.“
MG Motor во првата половина од 2026 година ќе објави неколку значајни новитети поврзани со технологија и дизајн, со што дополнително ќе ја нагласи својата посветеност кон европските клиенти.
MG Motor ВО ЕВРОПА – 1 МИЛИОН ПРОДАЖБИ
Клучни бројки

За MG Motor
Основан во Англија во 1924 година, MG Motor стана еден од најпрепознатливите автомобилски брендови во светот, познат по стилските и достапни британски спортски автомобили кои донесоа возбудливо возачко искуство на милиони луѓе. Повеќе од еден век подоцна, наследството на иновации и достапност на MG продолжува – како преку илјадниците класични модели, така и преку новата генерација возила дизајнирани за иднината на мобилноста.
Денес, MG Motor им нуди на европските возачи сеопфатна палета модели за сите потреби – од бензински и високо-ефикасни хибридни погонски системи, до достапни целосно електрични возила. MG е препознатлив по тоа што ги прави електричните возила достапни, практични и забавни за возење.
MG Motor е активен во 34 еврoпски земји со околу 1.300 дилерски партнери, поддржани со 7-годишна / 150.000 km гаранција, градејќи доверба кај клиентите низ целиот континент.
(ПР)

