Економија
Народната банка: Ќе продолжиме со успешно спроведување на реформите во финансискиот сектор

Во изминативе неколку години беше постигнат натамошен значаен напредок во зајакнување на финансискиот сектор. Беше донесен Закон за финансиска стабилност со кој на Народната банка и се даде макропрудентен мандат, а истовремено се поставија механизми за зајакната координација помеѓу сите финансиски регулатори, како и зајакната рамка за следење на системските ризици.
Исто така, беше донесен и нов Закон за решавање на банки, а тековно се работи на подзаконска регулатива која произлегува од овој закон. Со цел соодветно вградување на ризиците од климатските промени во банкарскиот систем беше донесена првата Национална стратегија за зелени финансии, а беше подготвен и циркулар за банките. За сите овие активности Светската банка обезбеди значајна поддршка. Ова беше заеднички констатирано на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и нејзиниот тим со делегацијата на Светската банка, предводена од потпретседателката за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан, Шаочинг Ју, како и директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, при што беше изразена благодарност од двете страни за досегашната соработка и изразена надеж и заложба за продолжување на успешните релации.
Посетата на потпретседателката за Европа и Централна Азија, Антонела Басани беше во рамки на активностите за одбележување на триесет години на партнерство на земјава со Светската банка. Во изминатите три децении Светската банка претставува значаен партнер на Народната банка, во развојот на капацитетите и градењето на функционалната рамка за воспоставување и одржување на макроекономската стабилност. Соработката помеѓу двете институции ќе продолжи и во идниот период, особено преку понатамошното јакнење на макропрудентната рамка, подготовка на подзаконски акти со цел операционализација на Законот за решавање банки, унапредување на платежната сфера, како и справување со предизвиците од климатските промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.