Економија
Народната банка издаде нови ковани пари за колекционерски цели
Народната банка ги издаде и ги пушти во оптек кованите пари за колекционерски цели „Деловен успех и среќа“, „Вештачка интелигенција“ и „Среќен роденден“.
„Деловен успех и среќа“
На аверсот во централниот дел на монетата се наоѓа вметнато стакленце на кое е отпечатена мапа на западната хемисфера и скиптарот на Меркур, кои се прикажани на основата на дрвено тркало во златна боја. По должината на периметарот е прикажано името на издавачот – Република Северна Македонија. Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на нашата земја и годината на издавање на монетата – 2019, како и апоенот 100 денари. Сите натписи се на англиски јазик.
На реверсот во централниот дел од монетата се наоѓа вметнато стакленце на кое е отпечатена мапа на источната хемисфера. Над вметнатото стакленце се прикажани слики од ракување, старовремска локомотива и брод. На левата страна од реверсот е прикажан Меркур со скиптарот, а на десната страна – слика на Фортуна, која држи рог на изобилството. Под вметнатото стакленце се прикажани котва и два запченика, а над нив натписот Ag925. На долниот дел од периметарот на англиски јазик е испишано: „Деловен успех и среќа“.
„Вештачка интелигенција“
На аверсот во централниот дел на кованата пара е претставена слика на дигитален уред за оптичко препознавање, со вградени сензори на мрежницата и информациски канали, кои се оддалечуваат во форма на мрежа со контактни јазли. Во горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на нашата земја, а по должината на периметарот е испишано Република Северна Македонија. На долниот дел се прикажани натписите: 100 денари и 2019 – годината на издавање. Сите натписи се на англиски јазик.
На реверсот во централниот дел од кованата пара се прикажани вештачка интелигенција во вид на кристал и струјно коло во вид на човечки мозок, од кој се шири мрежа на сензори што го опкружуваат светот. Во горниот дел од кованата пара е прикажана слика на ракување како симбол на тесната соработка на човештвото со вештачката интелигенција. На горната лева страна е прикажана ознаката Ag925. По должината на периметарот е прикажан натписот на англиски јазик: Вештачка интелигенција.
„Среќен роденден“
На аверсот во централниот дел на кованата пара се прикажани кошница полна со подароци и грбот на нашата земја. На долниот дел се прикажани натписите: 100 денари и Република Северна Македонија. На десната страна е прикажана годината на издавање – 2019 . Сите натписи се на англиски јазик.
На реверсот во централниот дел на кованата пара е прикажано насмеано бебе, кое носи капа и држи пелена во својата рака. По должината на периметарот на кованата пара е прикажан украс во вид на рачка на кошница. На долниот дел од кованата пара се претставени цвеќиња. Натпис на англиски јазик: Среќен роденден. На левата страна е прикажана ознаката Ag925.
Цената на кованата пара „Деловен успех и среќа“ изнесува 3.000 денари, на кованата пара „Вештачка интелигенција“ изнесува 3.200 денари, а на кованата пара „Среќен роденден“ изнесува 4.000 денари.
Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија. Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели се објавени на интернет-страницата на Народната банка во делот „Ковани пари за колекционерски цели“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.