Економија
На Кина ѝ се заканува затворање милиони работни места и банкрот на многу мали фирми

Кина очекуваше нови царини од САД и веројатно се подготвуваше за нив, но ниедно ниво на подготовка не може да го ублажи непосредното влијание што последниот бран тарифи ќе го нанесе врз кинеската економија, пишува досписникот за Азија од Пекинг за „Скајњуз“.
„Кога ќе ги соберете царините наметнати порано оваа година со оние што сè уште во сила од првиот мандат на Трамп, сите кинески производи сега ќе бидат оптоварени со повеќе од 50 % од увозните давачки, а некои би можеле да достигнат и 70 %. Во пракса таквите нивоа на тарифи ја прават трговијата со Америка речиси невозможна за огромното мнозинство кинески компании“, пишува „Скајњуз“.
Со оглед на тоа дека извозот изнесува околу 20 % од БДП на Кина, а трговијата со САД изнесува околу 15 % од тој извоз, влијанието ќе биде огромно и широко распространето.
Експертите веќе предвидуваат губење милиони работни места, колапс на многу мали бизниси, кои ги сочинуваат сложените синџири на снабдување во Кина, и многу е веројатно дека Кина нема да ја достигне целта за раст на БДП од речиси 5 %, објави „Скајњуз“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нова авиолинија од Скопје до Ларнака во Кипар

Од 31 октомври ќе биде пуштена нова авиолинија од Скопје до Ларнака, Кипар, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„На пат кон Охрид за одбележувањето на празникот Св. Кирил и Методиј сакам да споделам информација за нова авиолинија Од 31.10.2025 почнува новата авиолинија Скопје – Ларнака Кипар! Ова е 11. нова линија за 10 месеци, а е резултат на политиките на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Субвенциите и политиките на Владата за развој на авиолиниите даваат резултати. Продолжуваме да работиме на развојот на авиосообраќајот во Македонија“ објави вицепремиерот Николоски на социјалните мрежи.
Економија
Дурмиши се сретна со норвешка делегација: Зголемен интерес за норвешки инвестиции во Северна Македонија

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска во просториите на Министерството пречека висока делегација од Кралството Норвешка, предводена од амбасадорката Кристин Мелсом, амбасадор на Норвешка за Северна Македонија и Србија, како и претставници на владини институции и познати норвешки компании.
На средбата се разговараше за можностите за проширување на норвешките инвестиции во Северна Македонија, со посебен акцент на Технолошко-индустриската развојна зона Тетово (ТИРЗ Тетово), која е препознаена од норвешката влада како еден од најзначајните инвестициски проекти во регионот.
Министерот Дурмиши истакна дека иако политичките и билатералните односи меѓу двете земји се одлични, економската соработка сè уште не го следи истиот интензитет. Според официјалните податоци, вкупната трговска размена помеѓу Северна Македонија и Норвешка изнесува просечно околу 8 милиони евра годишно – бројка која е релативно ниска во однос на реалниот потенцијал за соработка.
Министерот потсети дека во 2021 година е потпишан Договор за јавно-приватно партнерство со компанијата “Normak Investment Group AD Тетово”. Покрај постоечките инвестиции, како онаа на компанијата LEAR, се најавени и две нови инвестиции, меѓу кои и инвестиција од компанијата “Norsksolar”, која веќе има донесено инвестициска одлука.
Министерот подвлече дека Северна Македонија во моментов привлекува повеќе норвешки инвестиции отколку која било друга земја од Западен Балкан – успех кој ја потврдува довербата и конкурентните предности што ги нуди нашата држава.
Во заклучокот на средбата, министерот уште еднаш го потврди силниот институционален ангажман за подобрување на бизнис-климата, привлекување на странски инвестиции, поддршка на домашните компании и развој на пазарот на трудот, како дел од новите надлежности на Министерството за економија и труд.
Економија
Божиновска: Владата е цврсто определена за зелена иднина

На денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Сања Божиновска.
Божиновска објасни дека аерозагадувањето е комплексен предизвик и дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини пристапува кон решавањето на проблемот и тоа со мерки за почисти извори на енергија и одржлив енергетски систем и наведе дел од проектите.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е активно вклучено во реализацијата на повеќе проектни програми од „Планската програма за почист воздух 2024–2030“, кои имаат за цел да го намалат аерозагадувањето преку енергетски решенија. Нашата улога е јасно дефинирана во следните проекти: Греење без емисија- топлински пуми, високо ефикасни котли, когенеративни гасни централни, проект државата не загадува-водиме со пример, такси без директни емисии. Преку овие мерки, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја потврдува својата посветеност кон создавање на одржлив и еколошки енергетски систем, кој ќе обезбеди почист воздух и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, истакна Божиновска.
Потсети на случајот за набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти полно со штетни соединенија и високи нивоа на сулфур и тешки метали.
„Да ве потсетам на последниот случај за кој Обвинителството води постапка, набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти во земјава. Во фокусот на истрагата е компанија која во 2023 испорачувала контаминирана нафта. Сериозен здравствен скандал, локалните инспекции утврдиле дека наместо мазут, се користело токсично индустриско масло, полно со штетни соединенија и високи нивоа на сулфур и тешки метали. И тоа не еден туку мрежа на увозници кои, спротивно на законот, испорачувале горива што не ги исполнуваат ниту основните еколошки стандарди а цената, како и секогаш ја плаќаат граѓаните, со своето здравје и со загадената животна средина“, децидна е Божиновска.
На крај додаде дека Владата е цврсто определена за зелена иднина, и интензивно работи на реализација на капитални проекти.
„Го поддржуваме и секој чекор што води кон почист воздух – од користење електрични автомобили, до инсталирање соларни панели на покриви и развој на енергетски задруги каде граѓаните самите ќе можат да произведуваат и користат чиста енергија. Оваа Влада е цврсто определена за зелена иднина. Интензивно се работи на реализација на капитални проекти“, рече Божиновска.