Економија
НБРМ: Субвенциите за тутун веќе се на банкарските сметки
Субвенциите за тутун веќе се на банкарските сметки на корисниците.
Трансакциите се успешно извршени преку Македонскиот интербанкарски платен систем, којшто денес работеше за средствата да им бидат достапни на сите тутунари коишто се приматели на субвенции. Со самото тоа што средствата се исплатени на сметките, тие постојано ќе им бидат на располагање на корисниците, информира Народната банка.
Заради заштита на јавното здравје, од НБРМ апелираат секогаш кога тоа е можно, за плаќање со средства од субвенциите граѓаните да користат дебитни картички и да го избегнувате користењето готовина (кеш).
„-Доколку сепак, веќе имате неодложна потреба дел од добиените средства да подигнете во готовина, тоа ќе можете да го сторите на банкоматите во општината во којашто живеете, веќе во понеделник (20 април), од 16 до 23 часот. Движењето за вас, во тој период ќе биде дозволено за да ја остварите таквата потреба.
– Ако имате потреба средства од субвенциите да користите во готовина, на банкоматите, готовина ќе можете да подигнете и во сиот натамошен период.
– Доколку сега немате итна и неодложна потреба од готовина, потсетуваме дека заради заштита на здравјето, во текот на претстојните денови не мора да посетувате банкомат. Средствата постојано ќе ви бидат достапни за да ги користите во согласност со вашите потреби.
– Максималниот износ на средства којшто ќе можете да го подигнете преку банкомат во текот на 24 часа е еднаков на дневниот лимит за подигнување готовина од вашата дебитна картичка, којшто веќе е договорно утврден со банката чии услуги ги користите.
– За да подигнете готовина од добиените субвенции, потребно е вашата дебитна картичка да е поврзана со конкретната сметка на којашто ви е извршена уплатата.
Ве замолуваме, заради заштита на здравјето, доколку сепак имате потреба од подигнување готовина, при посета на банкомат да се придржувате до препораките за самозаштита:
– да сте на соодветна раздалеченост од другите лица коишто чекаат во редот и
– да користите ракавици при употреба на банкоматот.
ИНФОРМАЦИИ ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА СУБВЕНЦИИ КОИШТО НЕ ПОСЕДУВААТ ДЕБИТНИ КАРТИЧКИ
Ве известуваме дека ако во овој период имате потреба од подигнување готовина од исплатените субвенции, тоа ќе можете да го остварите во експозитурите и филијалите на банките во коишто се вашите сметки, во општините во коишто живеете, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од вашето презиме:
– 21 април (вторник) – А, Б, В, Г, Д;
– 22 април (среда) – Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К;
– 23 април (четврток) – Л, Љ, М, Н, Њ, О, П; Р;
– 24 април (петок) – С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Заради заштита на јавното здравје, ве замолуваме да го почитувате утврдениот распоред.
Истовремено Ве известуваме дека:
– Во периодот од 21 до 24 април, во општините каде што живеат повеќето од вас, со продолжено работно време oд 8 до 17 часот ќе работат филијалите и експозитурите на:
o НЛБ Банка: Прилеп, Битола, Радовиш, Велес, Струмица, Кочани, Кавадарци и Неготино;
o Стопанска банка АД Скопје: Прилеп, Битола, Радовиш и Струмица.
Во другите општини, филијалите и експозитурите на сите банки ќе работат според постојното работно време во овој период.
– Во општините во коишто банките ќе работат со продолжено работно време, при посета на филијала или експозитура заради подигнување готовина од исплатени субвенции, за вас, движењето ќе биде овозможено до 18 часот.
Потсетуваме дека уплатените средства, на вашите сметки ќе ви бидат на располагање постојано и доколку готовината не ви е итно неопходна, заради заштита на здравјето, во овој период не мора да ги посетувате филијалите и експозитурите на банките. Тоа ќе може да го сторите и натаму, секогаш кога ќе имате потреба од готовина.
Истовремено, потсетуваме дека заради заштита на здравјето, соодветно е овие средства да ги користите и со употреба на електронското или мобилното банкарство, преку коишто може да вршите и трансакции/плаќања итн. Со тоа ќе избегнете физичка посета на банките и чекање во ред, и клучно – ќе го заштитите и своето и здравјето на другите. Доколку досега не сте корисник на ваква банкарска услуга, можете веднаш да се обратите до банката во којашто е вашата сметка, преку нејзиниот контакт-центар или другите комуникациски канали и да добиете информации за користење на ваквите услуги, за да не ги посетувате експозитурите и филијалите.
Доколку сепак, веќе имате потреба да подигнете готовина од исплатените субвенции, апелираме да го почитуваме распоредот и:
– пред и во објектите на банките да ги почитувате препораките за самозаштита, вклучително и да сте на соодветна раздалеченост од другите лица и
– да ги почитувате насоките од лицата коишто ќе се грижат за редот пред и во објектите.
Ние сме во постојана координација со сите релевантни институции, при што заеднички вложуваме максимални напори да се заштити здравјето на секој од вас. Притоа сме во интензивна комуникација и со банките, коишто веќе се подготвуваат за да можат соодветно да го услужат секого од вас, којшто следната недела ќе има потреба од нивните услуги. Веруваме дека координираниот пристап ќе даде успешен резултат, бидејќи и во оваа активност, заеднички приоритет е и заштитата на јавното здравје“, велат од НБРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.