Економија
(Видео) Николовски: Владатa покажа дека постојано носи одлуки во интерес на лозарите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Неготино одржа работна средба со лозарите од Тиквешкиот Регион. Оваа средба се одржува на еден месец пред бербата на годинешното грозје, со цел, како што потенцираат од Министерството, навреме да се планира откупот на годинешниот род.
Николовски ги информираше лозарите за мерките што ги презема МШЗВ во делот на лозарството, како и за првичните проценки за план за откуп на грозје што го имаат доставено винарските визби.
„Веќе имавме средба со винарските визби и се доставени првичните проценки за откуп на винарските визби.Оваа година винарските визби немаат залихи и ќе побаруваат околу 150 илјади тони грозје.Денеска сме на средба со лозарите која ја одржуваме навреме пред бербата. Во следниот период ќе разговараме заеднички, МЗШВ ќе биде постојано медијатор и ќе го води овој дијалог помеѓу лозарите и визбите со цел како и за другите земјоделски производители, активно да го следиме производството и откупот, и како држава да реагираме навреме тогаш кога е потребно. Во делот на лозарството, како Влада покажавме дека постојано носевме одлуки во интерес на лозарите“, посочи министерот Николовски.

Тој информираше дека денеска и вчера за земјоделците од Неготинскиот Регион се исплатени над 25 милиони денари за обештетувањата од временските непогоди што се случија минатата година, односно мразот. А, вкупно и за дел од останатите региони од државата, денеска и вчера по основа на обештетувања Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати околу 89 милиони денари. Пред неколку недели се исплатија околу 100 милиони денари по оваа основа за Преспанскиот Регион. Преостанатите исплати на обештетувањата ќе се реализираат во текот на следната недела.
Министерот потенцираше дека минатата година се исплаќаа заостаните субвенции за лозареството од 2016 година, за 10 отсто со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година се зголемија субвенциите за одржување лозови насади, односно од 40 000 денари по хектар на 44 000 денари, а поради намалениот род, Владата донесе и дополнителна мерка од 2 денари за килограм грозје предадено во регистрирани винарски визби. Овие субвенции заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се исплатија навреме пред почетокот на новата производствена сезона, информираше Николовски.
Тој појасни дела МЗШВ ќе ги објави производствените цени на годинешното грозје, што е обврска на Министерството и што ќе биде основ за дијалогот со лозарите и винарските визби. Во делот на начинот на исплата, Николовски посочи дека МЗШВ континуирано ќе ја следи состојбата на терен, и ќе се земат предвид предлозите на лозарите во измените на Законот за вино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

