Економија
Николовски: Годинава наплатени 13,6 милиони евра повеќе од лани
Наплатата на приходи остварени од Царинската управа во првото тримесечје годинава се поголеми за 13,6 милиони евра во однос на истиот период минатата година. До обвинителствата се поднесени 102 кривични пријави, или за повеќе од цел тригодишен период од 2020 до 2023 година кога биле поднесени вкупно 85 кривични пријави. Ова беа само дел од резултатите на Царинската управа кои ги презентираше денеска директорот на Царинска управа, Бобан Николовски по повод одбележување на 14 Април, Ден на Царинската управа.
Тој, исто така, кажа и дека во првото тримесечје се остварени 143 случаи на заплени или за 77 проценти повеќе во однос на минатата година. Притоа, мобилните царински тимови во овој период оствариле повеќе од 100 заплени што е еднакво на годишен просек на заплени споредбено од 2017 до 2023 година.
Директорот Николовски истакна дека тенденцијата на пораст на наплатата на приходи продолжи и годинава при што во првото тримесечје е остварена наплата од речиси 480 милиони евра или 13,6 милиони евра повеќе од истиот период минатата година. Притоа приходите од Царина се повисоки за 15,6 проценти, од акциза за 5,7 проценти, а од данок на моторни возила за 16,2 проценти.
По основ на извршени проверки и контроли од Секторот за контрола и истраги наплатени се 20 милиони денари, а донесени се и решенија за дополнителна наплата на износ од 5,7 милиони денари. Овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија.
„Ваквите резултати се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци“, рече директорот Николовски.
Во првото тримесечје од годинава се остварени 143 случаи на заплени, или за 77 проценти повеќе во однос на минатата година кога бил остварен 81 случај на заплени.
„Преку спроведување на сериозни и темелни истраги влеговме во траг и откривме сериозни криминални мрежи. До Основно јавно обвинителство и до Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција во 2024 година се поднесени вкупно 89 кривични пријави, против 46 правни лица и 122 физички лица. Овде особено сакам да ги истакнам резултатите во последните пет месеци, заклучно до седми април, период во кој нашиот тим од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе 102 кривични пријави до Основното јавно обвинителство и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против 58 правни и 184 физички лица. За споредба во тригодишен период од 2020 до 2023 година биле поднесени 85 кривични пријави за цели три години. Анализирано на месечно ниво од 2016 година наваму во овие пет месеци имаме историски најмногу поднесени кривични пријави на месечно ниво“, истакна Николовски.
Притоа, како што рече, Царинската управа, преку Секторот за контрола и истраги, застана на патот и спречи разработена шема на организиран криминал со употребувани возила при што досега се поднесени 12 кривични пријави против 6 правни и 30 физички лица, при што дел од лицата се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела.
Како доказ за посветеноста, додаде Николовски, се и случаите во кои беа запленети 188,6 килограми марихуана, уникатен златен накит со тежина од 1,7 килограми и вредност пола милион евра, околу 600 килограми анаболични стероиди, 6,4 килограми сребро.
„Особено би сакал да го истакнам и работењето на мобилните царински тимови кои покажуваат извонредни резултати. Во 2024 година мобилните царински тимови во рамки на Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги остварија 193 заплени, од кои 136 се остварени во втората половина од годината. Уште повеќе, во 2025 година, остварија повеќе од 100 заплени што е на ниво на годишни остварени резултати споредбено во периодот од 2017 до 2023 година кога имало евидентирани заплени кои се движеле од 52 до најмногу 110 за цела година“, рече директорот.
Воедно истакна дека во моментов се реализираат инвестиции во вредност од 24,4 милиони евра кои се обезбедени од Светска банка, Република Кореја, од ЕУ како грант средства, како и од националниот Буџет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

