Економија
Николовски: Исплатени 22 милиона евра субвенции за тутунот
Денеска започна исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска исплати субвенции за 20.880 тутунари во вкупна вредност од 22 милиона евра, односно околу 80 отсто од вкупниот очекуван износ за авторизација. Во следните неколку дена, веднаш по извршените контроли, ќе се исплатат и другите 20 отсто. Ова денеска го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при денешната посета на селото Ивањевци во општина Могила заедно со директорите на Платежната агенција и на ДИЗ, Николче Бабовски и Јане Станкоски.
„Продолжуваме со политиката на навремени субвенции и враќање на парите назад кај граѓаните тогаш кога им се потребни за да инвестираат во новата реколта. Оваа година тутунарите добија зголемени субвенции во три нивоа. На овој начин ги мотивираме тутунарите да произведуваат квалитетен тутун“, изјави министерот Николовски.
Директорот Бабовски изјави дека овие пари тутунарите ќе може да ги реинвестираат и дека исплатата на субвенциите и за другите култури ќе заврши до законскиот рок, 30 јуни.
Од реколтата 2017 Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство воведе нов начин на зголемено субвенционирање во три нивоа. Во согласност со овие промени, зголемени субвенции за тутунот добиваат над 23.400 тутунари. Оваа година се постигна и убедливо највисока просечна цена за тутунот од 217,6 денари за килограм.
Целта на новиот модел на зголемено субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција. Имено, субвенцијата за прва класа тутун сега изнесува 80 денари, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа, како и за дополнителни класи.
Тутунопроизводството е значајна гранка за македонското земјоделство, која носи девизен прилив од 100 милиони евра годишно. Во насока на создавање поволни услови и поттикнување развој на оваа култура, МЗШВ го најавува и новиот закон за тутун, кој е во финална фаза. Со него се предвидува укинување на поднесувањето евидентни листови, со што значително се олеснуваат адмнистративните процедури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

