Економија
Николовски: Исплатени 68,5 милиони денари поддршка за живинарството од Интервентниот фонд
Во рамките на теренската кампања, со која ги доближуваме мерките од Националниот план за производство на храна до секој земјоделец, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, и државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски, ја посети живинарската фарма „Шест браќа“ во општина Студеничани.
Оваа живинарска фарма повеќе од 20 години е успешен семеен земјоделски бизнис во сопственост на семејството Суати. Одлегуваат 160.000 несилки, со што претставуваат еден од поголемите производители на конзумни јајца.
„Како Министерство, одговорно носиме мерки за поддршка на секој земјоделец. Националниот план за производство на храна, кој го донесовме, содржи мерки за поддршка на живинарството. Донесовме нова интервентна субвенција од 60 денари за несилка, која се наоѓа на одгледувалиштето и е на возраст за производство на конзумни јајца. За оваа мерка можеа да аплицираат одгледувачите на живина за конзумни јајца запишани во регистарот на одгледувалишта на животни. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој веќе ја исплати финансиската поддршка од интервентниот фонд за земјоделство предвидена за одгледување кокошки – несилки. Исплатени се 68.5 милиони денари кон 49 корисници. Ја зголемивме и мерката за директни плаќања за амортизирани несилки заклани во регистрирани кланични капацитети од 80 на 125 денари по заклана несилка“, изјави министерот Николовски.
Министерството креира повеќе мерки за поддршка на производството на стратешки култури. Преку јавен повик на располагање се ставени дополнителни 5.722 хектара обработливо земјоделско земјиште над 3 хектари, за обработка на стратешки култури, распределени во 14 региони во државата. Јавниот повик за давање земјоделско земјиште под закуп над 3 хектари завршува денеска, а во набргу ќе биде објавен нов јавен повик за нови површини, кои ќе им бидат ставени на располагање на земјоделците со цел секоја педа обработливо земјоделско земјиште да биде ставена во функција.
„Со мерките од интервентниот фонд земјоделците добиваат 4.000 денари за хектар, дополнителна помош за набавка на вештачко ѓубриво за пченка и пченица, како и 2.500 денари за хектар за сочоглед и јачмен. Ги мотивираме земјоделците да го зголемат приносот со дополнителни речиси 100 евра од хектар. Наша цел е преку овие мерки да овозможиме поголемо домашно производство на стратешки култури, а помала увозна зависност. Токму затоа преку оваа теренска кампања ги презентираме мерките и ги повикуваме сите земјоделци максимално да ги искористат мерките што ги имаат на располагање“, рече министерот Николовски.
Во тек се и пет јавни повици од Програмата за рурален развој за 2022 година. Рокот за аплицирање е до 20 мај. Земјоделците може да аплицираат на повикот за набавка на трактори преку кој обезбедуваме до 75 % кофинансирање на сумата за набавка, односно максимум 3.500.000 денари од корисник. Повикот за набавка на силоси до 25 тони со мал капацитет за сопствена употреба, каде што исто така кофинансираме 75 % од сумата, односно 1.000.000 денари како максимален износ од корисник. Во тек е повикот за доделување грант од 6.000 евра за мерката „Рурална жена“, како и повиците за поддршка при изградба на мандри и повикот за набавка на опрема за производство на тутун.
Министерот Николовски денеска од фармата во Студеничани ги повика сите земјоделци активно да ги следат јавните повици и максимално да ги искористат можностите за поддршка. Министерството ќе продолжи одговорно, како и секогаш, да креира мерки грижејќи се за секој земјоделец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

