Економија
Нова ера во сметководството – Стандардите како предизвик, технологијата како сојузник
Потребно е сметководствената професија да го следи чекорот со глобалните трендови и да ја прифати дигиталната трансформација како сојузник, а меѓународните стандарди како темел за доверба и одржлив развој. Истовремено, вложувањето во новата генерација професионалци и поддршката за нивниот професионален развој претставуваат клучна инвестиција во иднината на професијата.
Ова се дел од главните пораки упатени на втората регионална конференција на сметководители и овластени сметководители што денеска се одржува во Скопје, во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС). На конференцијата учествуват околу 500 сметководители и овластени сметководители од земјава и регионот, како и претставници од релевантни домашни и меѓународни институции, организации, од академската заедница и деловниот сектор.
„Оваа конференција е многу повеќе од само уште еден професионален собир. Таа е заедничка платформа преку која се гради иднината на сметководството во нашата земја – заснована на интегритет, квалитет, дигитализација и регионална и меѓународна соработка“, рече во своето обраќање на отворањето на конференцијата претседателката на ИСОС, Весна Прентоска. „Сметководствената професија се наоѓа на прагот на суштински промени. Нашата улога денес оди подалеку од традиционалните функции на пресметка и евидентирање – ние сме советници и партнери во управувањето со финансиите, во донесувањето стратешки одлуки, во управувањето со ризици и во обезбедувањето транспарентност и доверба во бизнисите, институциите и организациите“, истакна Прентоска.
Панел-дискусиите во рамки на конференцијата се посветени на имплементацијата на Меѓународните сметководствени стандарди и ESG принципите во финансиско известување, како и улогата на младите професионалци во новата ера на сметководството. Еминетни практичари од земјата и регионот ќе ги презентираат најдобрите практики и модели за примена на вештачката интелигенција и алатките за анализа на податоци од голем обем (Big Data) кои можат да придонесат за поголема ефикасност, прецизност и стратешко одлучување во сметководството, адаптирано на потребите на современото деловно опкружување.
Во фокусот на дискусиите на конференцијата се и прашањата околу тоа како да се одржи суштината на сметководствената професијата, што ја сочинуваат етиката, точноста и независноста, во услови на брзи технолошки промени.
Посебно внимание ќе биде посветено на учеството на студентите од Катедрата за сметководство и ревизија на Економскиот факултет при УКИМ, кои е предвидено активно да се вклучуваат во дискусиите.
„Присуството на младите на оваа конференција е силна порака дека иднината на професијата е во сигурни раце. ИСОС ќе креира простор за активно учество на студентите и младите професионалци во новата ера на сметководството во нашата земја – преку модели за собирање на нивните предлози и размислувања, но и преку можности за учење и развој на практични вештини кои ќе им помогнат на патот нивниот професионален развој“, порача претседателката на ИСОС.
Конференцијата се очекува да ја затвори министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Конференцијата е дел од пошироките напори на ИСОС за континуирана едукација, регионална и меѓународна соработка и зајакнување на професионалните капацитети и угледот на сметководствената професија во нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

