Економија
Нова #РамкаЗаПомош на НЛБ Групацијата: 100.000 евра за поддршка на одржливите идеи од регионот
По двата исклучително успешни циклуса за време на пандемијата, проектот на НЛБ Групацијата #РамкаЗаПомош започнува по третпат. Овој пат, со фонд од 100.000 евра, Групацијата ќе ја поддржи реализацијата на три најдобри идеи за одржлив бизнис од регионот.
Во последните неколку години, НЛБ Групацијата посвети големо внимание на одржливото работење во регионот на Југоисточна Европа, на кој гледа како на свој дом и во кој е присутна со своите банки-членки. Токму затоа, годинешниот проект #РамкаЗаПомош се фокусира на поддршка на идеи кои ќе донесат напредок, можност за одржлив развој и подобар живот.
„Нашето внимание се фокусира на иднината на овој регион и на можностите што тој ги нуди и кои ние во НЛБ Групацијата можеме да ги поддржиме преку нашите одлуки и услуги – односно преку нашето делување. Оттука, фокусирањето на одржливоста преку проектот #РамкаЗаПомош е нешто што за нас е сосема природно“, вели Блаж Бродњак, претседател на Управниот одбор на НЛБ Групацијата.
„Одржливоста, во најширока смисла на зборот, не само од еколошки аспект, туку и од социјален, како и од аспект на управување, е во срцето на нашата работа. Ние сме исклучително горди на овој регион на можности, каков што е регионот на Југоисточна Европа и знаеме дека тој навистина има многу да понуди – од квалитет на живот, до знаење и иновативни идеи. За да продолжи да биде така, со проектот #РамкаЗаПомош, овојпат ќе бараме одржливи решенија за подобро утре. За нас овој регион не е само точка на мапата. Тука е нашиот дом, местото каде што ја градиме нашата иднина“, потенцира Бродњак.
Десет локални финалисти и тројца регионални победници
Право на учество во проектот #РамкаЗаПомош имаат претприемачи, микро и мали бизниси, како и ентузијасти и смели „сонувачи“ на кои НЛБ Групацијата сака да им помогне да ги остварат нивните идеи за подобра иднина.
Сè што треба да направат заинтересираните е, најдоцна до 22 октомври 2022, да пополнат едноставен онлајн формулар на веб-страницата на НЛБ Банка и во неколку реченици да ја претстават нивната одржлива идеја за производ, услуга или план за унапредување на одржлив развој на нивниот бизнис, кои ќе имаат позитивно и мерливо влијание врз подобрување на квалитетот на животот.
По затворањето на конкурсот, локална комисија ќе ги избере 10-те најдобри, одржливи идеи од Северна Македонија кои НЛБ Банка ќе ги награди со посебни поволности – паричен износ од 60.000 мкд и бесплатна Visa Business картичка, а воедно финалистите ќе добијат и медиумска поддршка и презентација на дигиталните канали на НЛБ Банка и медискиот партнер Bloomberg.
Од сите финалисти во регионот, во следниот круг, жири комисија составена од меѓународни експерти ќе ги избере тројцата регионални победници кои ќе ги понудат најдобрите решенија за предизвиците на одржливиот развој, циркуларната економија и иднината. За нивна поддршка НЛБ Групацијата обезбеди вкупно 100.000 евра, од кои најдобриот проект ќе биде награден со 50.000 евра, второпласираниот проект со 30.000 евра, а третопласираниот со 20.000 евра.
Одржливоста – еден од столбовите на работењето на НЛБ Групацијата
НЛБ Групацијата ја постави одржливоста во срцето на своето работење, во сите свои одлуки и активности, знаејќи дека со таквото делување може да влијае на квалитетот на животот и одржливиот развој на сите пазари во регионот каде што работи. Вниманието на НЛБ Групацијата е насочено кон иднината, кон создавање подобар живот за сегашните и идните генерации.
Во согласност со ваквата своја определба и стратегија за развој, НЛБ Групацијата, преку проектот #РамкаЗаПомош, сака да им даде поддршка и на останатите уникатни и иновативни идеи кои се однесуваат на предизвиците на одржливоста. Токму затоа, со овој конкурс на проектот #РамкаЗаПомош се бараат проекти кои придонесуваат за постигнување на најмалку една од седумнаесетте цели за одржлив развој на Обединетите Нации и ги следат насоките на Рамката за одржливост на НЛБ Групацијата.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања
За да ја намали невработеноста за 20 %, колку што бара од нас Европската Унија, Владата од овој месец нуди поддршка за компаниите со нови вработувања и за компаниите со истражувања и развој. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, поддршката од државата за компаниите заедно со измените на законите кои дозволуваат сезонски вработувања на невработени вработени, студенти и пензионери без да ги изгубат стекнатите права, очекува значително да се намали невработеноста во земјава.
„Од први јануари 2026 година почнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој претставува силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање на нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати при што компаниите може да добијат до 20% од исплатената нето плата односно до 4.400 евра годишно по лице како и значителна поддршка за истражување и развој до 50% од оправданите трошоци и максимален износ до еден милион евра“, рече министерот Дурмиши.
Поддршката од државата, според министерот, е охрабрување за трансформација на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност, а комбинацијата од двата закона вели дека е начин за сузбивање на сивата економија како и активна финансиска поддршка на формалната економија.
„Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима со повеќе формални работни места за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на нашата економија“, рече министерот Дурмиши.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Со олеснувањето за работно ангажирање сезонски работници министерот Дурмиши очекува 12.000 сезонски работници во земјоделството да бидат регистрирани за работата и околу 5400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите. Очекувањата се вкупно 17.400 лица да бидат опфатени со измените кои според министерот носат корист и за работниците и за работодавачите. „Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин воспоставуваме поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот“, рече министерот Дурмиши.
Во првата фаза за сезонските работници се опфатени дејностите каде што анализите покажале дека сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.
Економија
ЕБОР одобри над 20 милиони евра кредит за модернизација на железничкиот товарен возен парк во Македонија
ЕБОР одобри 20,9 милиони евра кредит на Северна Македонија за набавка на нови електрични локомотиви и современ систем за планирање на ресурсите на претпријатието (ПРП).
Проектот, како што е наведено во информацијата, ќе ја поттикне ефикасноста , ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид и ќе ги подобри квалитетот и безбедноста на железничкиот сообраќај.
Проектот, според наведеното, ќе придонесе во подобрување на оперативната и финансиската одржливост на Македонски Железници Транспорт преку подготовка на корпоративен план за развој.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го зајакнува железничкиот транспортен сектор со кредит до 20,9 милиони евра на Северна Македонија, во корист на АД Македонски Железници Транспорт Скопје (МЖТ). Со ова финансирање ќе се овозможи купување до пет електрични локомотиви и имплементација на современ систем за планирање на ресурсите во претпријатието (ПРП), што е исчекор во напорите на земјата за модернизација на работењето на железничкиот сообраќај.
Проектот е имплементиран од Министерството за транспорт, со поддршка на Министерството за финансии, и ќе овозможи МЖТ да го модернизира товарниот возниот парк, да ги зајакне ефикасноста и квалитетот на работење , и да ја подобри безбедноста на возниот парк.
Инвестицијата се очекува да донесе значајни економски и еколошки придобивки. Преку зајакнување на конкурентноста и одржливоста на железничкиот транспорт, се поддржува транзицијата кон позелен и поконкурентен транспортен систем. Дополнително, со воведување на системот за ПРП, ќе се поедностави основниот деловен процес на МЖТ, поттикнувајќи натамошна оперативна ефикасност.
Проектот има за цел да го зајакне работењето на МЖТ, преку креирање на Корпоративен План за Развој , кој ќе ја подобри ефикасноста на компанијата и нејзината финансиска одржливост. Тој ќе вклучи изработка на акционен план за ефикасност, со специфични мерки за подобрување на тарифната методологија, како и ажурирање и хармонизација на методологијата за обврските на јавниот сервис согласно барањата на Директивите на Европската Унија. Покрај технолошките подобрувања, ќе поддржи и родова еднаквост и ќе помогне во зајакнување на поинклузивна и прогресивна работна средина во МЖТ.
Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија изјави: ,, Оваа инвестиција претставува унапредување на националната транспортната железница. Преку поддршка на обновувањето на возниот парк и корпоративните подобрувања на националниот железнички оператор, ЕБОР помага во поттикнување на конкурентноста, безбедноста и одржливоста на транспортната мрежа во земјата. Проектот не само што ќе испорача видливи еколошки придобивки, туку ќе постави и нови оперативни стандарди и еднакви можности во секторот. Оваа е важна инвестиција за поддршка на извозно ориентираните бизниси во земјата, во насока на нивна интеграција кон глобалните ланци на вредност, со што ќе се зајакне конкурентноста на приватниот сектор и ќе се креираат работни места, кои последователно ќе ја поддржат земјата во справување со проблемот на одливот на населението.”
Министерката за Финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, изјави: ,,Договорот за заем што денес го потпишуваме со Европската банка за обнова и развој, во износ од 20,9 милиони евра, е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во нашите политики и во насоката во која се движи државата.
Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка – се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии“, рече министерката и додаде дека Министерството за финансии, останува целосно посветено на обезбедување финансиска поддршка за проекти кои носат долгорочна економска вредност, го поттикнуваат развојот и ја подобруваат поврзаноста на државата со регионалните и европските транспортни коридори.”
Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави: ,,Навистина ми е драго што денес имаме можност да заокружиме еден исклучително важен процес кој ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.”
Проектот е целосно усогласен со Бизнис планот и Акциониот план на МЖТ, за преструктуирање и развој, и е во согласност со Реформската Агенда на ЕУ за Западен Балкан која има цел да се подобри управувањето и перформансите на државните железнички претпријатија.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 3 милијарди евра во над 200 проекти во земјата.
Економија
Николоски: Инвестираме 21 милион евра за набавка на нови пет електрични локомотиви
Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.
Николоски кажа дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
„Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај. Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура“, рече Николоски.
Истовремено, додаде тој, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз.
„Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви“, рече Николоски.

