Економија
Новиот дом на „Форд Македонија“ по премиум-стандарди
Овластениот увозник и сервисер на возилата од марката на Ford, „МИ-ДА гранд моторс“, почна со работа на својата нова локација, во комплетно нов, атрактивен продажно-сервисен објект, кој воедно е и еден од најмодерните објекти во нашата земја.
Новиот дом на Ford Македонија е направен по премиум-стандарди на вкупна површина од 9.600 м2, од кои затворен објект на 2.640 м2 и располага со Ford-салон од 450 м2, каде што сите потенцијални сопственици ќе може да се запознаат со најновите модели и технологии на Ford, како и Ford-сервис од 1.300 м2, каде што веќепостојните сопственици на Ford ќе добијат висококвалитетни сервисни услуги по врвни стандарди.
„Отворањето на овој објект се совпаѓа со 25-годишнината од присуството на Ford во Македонија и преселувањето на нова локација не значи само преселба на возилата и инвентарот, ниту значи единствено нови канцеларии за нашите вработени. Тоа е всушност во согласност со деловната стратегија на Групацијата, која е во насока на континуиран раст, ефективно работење и подобрување на нашите услуги, па убеден сум дека и нашите сегашни и идни клиенти ќе го препознаат нашиот стабилен чекор напред. Оттука, возбудлив и остварлив Ford, кој овозможува профитабилен раст за сите, е всушност и дел од мисијата на ‘МИ-ДА гранд моторс’ и верувам дека со оваа нова локација, ќе успееме омилениот Ford да го направиме и подостапен за сите“, изјави Дритон Заири, генерален директор на Ford Македонија.

Новата локација на Ford Македонија се наоѓа на улица Босна и Херцеговина бр. 1, односно на крстосницата со булеварот Словенија, а покрај Ford-салонот и сервисот, располага и со модерно опремено и пространо приемно одделение и паркинг за над 100 места. Во склоп на новиот објект ќе почне да функционира и брендот за користени возила „Аутото“, со кој се овозможуваат одлични услови за набавка на половни возила, како и гаранција до 1 година.
Истовремено, по повод на отворањето на новиот објект и 25-годишното присуство на пазарот, компанијата ја најави и својата најнова кампања Home Sweet Ford, која овозможува големи попусти и подароци за сите потрошувачи, а трае сѐ до крајот на 2019 година.
Во рамките на кампањата за сите возила достапни овде во салонот следуваат попусти од најмалку 15 отсто во зависност од моделот, а за одредени модели следуваат и подароци, како зимски гуми, каско-осигурување, покривни носачи и сл. За корисниците на сервисните услуги на Ford исто така следуваат многубројни подароци и изненадувања.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

