Економија
Нови средства за сите што подигнале нови повеќегодишни лозови и овошни насади, ароматични растенија или медоносна флора
Сите земјоделски стопанства, кои во периодот од 1 септември 2020 година до 31 март 2021 подигнале нови повеќегодишни лозови и овошни насади или ароматични растенија и медоносна флора (еводија, багрем и фацелија), ќе може да аплицираат за добивање финансиска поддршка преку мерката 121 „Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства“, соопштија од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Финансиската поддршка за прифатливи трошоци од корисник изнесува 2,5 милиона денари.
За да може да се аплицира за добивање на оваа поддршка, потребно е барателите садниците да ги имаат набавено од снабдувачи што се запишани во регистарот на снабдувачи на семенски материјал и во регистарот на снабдувачи на саден материјал.
Средствата се обезбедени преку програмата за рурален развој, а оваа поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 % од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции.
Ставката за кофинансирање се зголемува во случаите кога:
– носител на инвестицијата на земјоделското стопанство е млад земјоделец, поддршката за оваа категорија е до 55 отсто од прифатливите трошоци;
– за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство до 60 проценти;
– за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец 65 отсто;
– за инвестиции во недостапни рурални заедници 75 отсто.
Барањата за оваа мерка се доставуваат електронски со извршена регистрација на е-baranje.ipardpa.gov.mk
Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за користење поддршка по разни мерки земајќи ги предвид и другите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година.
Барателите на финансиска поддршка потребно е да креираат електронско барање за исплата со бараните податоци и да прикачат задолжителни електронски документи (фактури или сметкопотврда, што ги докажуваат реализираните трошоци, детаљни испратници за испорачаните садници, уредно заверени, решение за запишување земјоделско стопанство во ЕРЗС при МЗШВ не постаро од три месеци од денот на објавување на јавниот повик, фискална сметка или налог за плаќање ПП30 со извод за плаќање или налог за плаќање ПП10 со извод за плаќање на име на доставувачот, образец на договор уредно заверен со потпис и печат.
Барателите што ги исполниле условите за користење средства се рангираат со бодирање утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници според мерките за рурален развој.
– барањата со ист број бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барање на e-baranje.ipardpa.gov.mk;
– барањата што не се поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk нема да се разгледуваат.
Корисниците на средства треба да ги имаат намирено сите финансиски обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и финансиските обврски кон Јaвното претпријатие за стопанисување со пасишта и воден надоместок кон водостопанските претпријатија.
Упатството за регистрација на барателите во системот за електронско поднесување барање за исплата може да се преземе на почетната страна на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Упатството за корисници за поединечна мерка може да се преземе по почнување креирање барање за мерката.
Електронски пополнетото барање за исплата од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година, заедно со целокупната документација во оригинал, треба уредно да е заверено со потпис и печат од барателот. Така комплетираната документација во оригинал се доставува во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол НЕ ОТВОРАЈ, барање за исплата и архивски број на барањето (0821-12125-XXXX/1). Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата, во спротивно Агенцијата не презема одговорност за затурање или предвремено отворање на барањето.
Крајниот рок за доставување на барањата е до 30. 9.2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.