Економија
Нови 13,3 милиони евра од ИПАРД 2 за преработка на земјоделски и рибни производи
Од денеска па се до 11- ти февруари сите кои сакаат да аплицираат за добивање на средства од ИПАРД 2 Програмата, ќе можат да доставуваат барања за реализација на инвестиции преку мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“.
Со овој јавен повик им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка.
„Рокот за аплицирање почнува од денеска, сабота, 28 декември и трае до 11- ти февруари. Вкупно на располагање на овој јавен повик се ставени 13.3 милиони евра. Со ова Владата, Министерството и Агенцијата, уште еднаш потврдуваме дека силно сме фокусирани кон развој и унапредување на преработувачките капацитети во агро секторот. На овој начин и преку овие мерки нудиме можност за развој на домашните земјоделски стопанства и агро компаниите. Преку осовременување на постоечките и отворање на нови производни капацитети очекуваме да постигнеме зголемено производство, пласман на домашните преработки и девизен прилив од извозот на домашните производи“, изјави директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој,Николче Бабовски.
Оваа мерка се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет.
Потребните обрасци од „Барањето за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020“ како и„Упатство за корисници на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020“ во кој се содржани сите информации за критериумите, условите за прифатливост на проектите и условите за финансирање и останати информации кои се неопходни за изготвување на барање за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020, Упатство за изготвување на Деловен План и останати корисни информации во електронска верзија може да се превземат на веб-адресата на Агенцијата: HYPERLINK “http://www.ipardpa.gov.mk”www.ipardpa.gov.mk.
Печатените обрасци од барањето за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020 и Упатство за корисници на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020 за може да се подигнат директно во Агенцијата на адреса:Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, бул. 3-та Македонска бригада бр.20, (згр. Македонија Табак блок Ц), 1000 Скопје и во најблиските регионални центри или работни единици на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.