Економија
Нови 20 милиони денари за агро – секторот преку Програмата за рурален развој на земјоделството
Од денеска до 21- ви август земјоделците ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка од Програмата за рурален развој преку Мерката 121.4 „Набавка на систем за наводнување капка по капка, конструкција на бунари, и други зафати на површинска вода.“
Со оваа мерка, на располагање се 20 милиони денари, а со овие средства земјоделските стопанства ќе може да набават систем за наводнување капка по капка, да направат конструкција на бунари и други зафати на површинска вода.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, вели дека за овие мерки ќе може да аплицираат сите земјоделци кои се евидентирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.
„Барањата за добивање на финансиските средства се поднесуваат електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Максималната сума која може да ја земе секое поединечно земјоделско стопанство изнесува 1.800.000 денари за земјоделците кои ќе аплицираат за систем за наводнување, додека за инвестиции во бунари максималната сума е 364 илјади денари“, истакна Бабовски.
Сите заинтересирани ќе може со овие средства да набават: подземни системи за наводнување капка по капка,
набавка на опрема и приклучна опрема за системот за наводнување ( филтри, фертиригатори, пумпи, цевки и спојни елементи), набавка на опрема и приклучна механизација за поставување и собирање на системот капка по капка, опрема за електрична инсталација за снабдување со електрична енергија, вклучително и опрема за енергетска ефикасност и опрема за производство на одржливи енергии, агрегати или генератори и придружна инсталациона опрема, компјутерска опрема за функционирање, управување и контрола на системот за наводнување и софтвер, услуги од трети лица за надзор и изведување на градежни и електрификациски работи вклучително и инсталирање на опремата и софтвер, услуги од трети лица за изработка на студии, елаборати, планска и техничка документација.
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање, на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот, а во висина на 50 до 70 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Бабовски, вели дека изборот на финансирање на инвестициите ќе се прави по принцип на рангирање.
„Избирањето ќе биде по принцип на рангирање, а ако одредени апликанти имаат ист број на бодови ќе се земе предвид прв дојден прв услужен. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка, или најмногу 2 барања по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. “, вели Бабовски.
Според правилата на Програмата , апликантите освен барањето кое треба да биде своерачно потпишано, заедно со податоците за локација на инвестицијата, ќе треба да прикачат и понуда, профактура за предложената инвестиција и деловен план изготвен согласно предвидениот образец „деловен план“
Барателите не смеат да започнат со реализација на инвестицијата пред потпишување на Договор за ко-финансирање со Агенцијата.
Барањата кои не се поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk, нема да се разгледуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

