Економија
Објавен јавниот повик за изведувач за програмата „Јужновардарска Долина, втора фаза“
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави јавниот повик за изведувач за проектот за наводнување на јужната долина на Вардар, втора фаза. Проектот предвидува изградба на водостопанска структура за пренасочување на реката Вардар, рехабилитација на водозафатот и целосно автоматизирана пумпна станица. Ќе се гради главен гравитационен цевковод со 4 препумпни станици и ќе се модернизира мрежата за наводнување.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ги повика сите квалификувани понудувачи да достават понуди за изведба на работите на системот за наводнување „Валандово“, кој е опфатен со проектот. Јавниот повик трае до 4 јули годинава.
Овој систем, кој се наоѓа во општина Валандово, покрива наводнувана површина од 2.032 хектара. Четирите препумпни станици ќе обезбедат вода за 1.080 хектари во долната зона и 952 хектари во горната зона.
„Проектот е од витално значење за македонското земјоделство, чија основна цел е да ги подобри условите за живеење на населението во јужната долина на реката Вардар. Преку одржливо управување со водните ресурси, ќе придонесеме кон зголемување на просечниот интензитет на засаденост и зголемување на приносите на главните култури. Бенефит ќе имаат 1.300 домаќинства или 4.500 граѓани што живеат во атарот на селата Удово, Јосифово и Пирава. Изградбата на новиот систем за наводнување ќе обезбеди континуирано снабдување со вода за наводнување 24 часа, 365 дена во годината, со што ќе се создадат услови за обработување на сите расположливи земјоделски површини во ова подрачје“, изјави министерот Николовски.
Тој рече дека постојниот систем за наводнување е во многу лоша состојба и не испорачува вода во повисоките зони. Во пониските зони, пак, испорачува само 2 месеца во годината.
Проектот се финансира со 70 отсто од средствата на Владата на Сојузната Република Германија преку развојната германска банка КФВ и со 30 отсто од средствата од Владата на Република Македонија. За реализација на оваа втора фаза германската банка КФВ во декември минатата година на МЗШВ му одобри дополнителни финансиски средства во износ 4 милиони евра во форма на грант. Изведбата на градежните работи се очекува да започне во средината на септември и ќе трае 21 месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

