Економија
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 1,75 отсто и во второто тримесечје од 2026 година

Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, којашто ги вклучува податоците за последниот квартал од 2024 година, вклучително и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да не се промени висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава, односно таа да се задржи на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во второто тримесечје од 2026 година. За изложеностите кон други земји ќе се применува стапката пропишана од националниот макропрудентен орган, извести Народната банка.
Со најновите квартални пресметки, вредноста на основниот показател не укажува на знаци на прегревање на кредитниот циклус. Сепак, кредитирањето на претпријатијата и населението забрзува, и тоа поизразено кај корпоративниот сектор. Цените на становите забележуваат променлива динамика, со раст во просек од околу 10%. Банкарскиот систем, според сите показатели, и натаму е стабилен со стабилна и добра солвентност и ликвидност, солидна профитабилност и ниска стапка на нефункционални кредити, а остварувањето на кредитните загуби во кредитното портфолио е ограничено. Од друга страна, ризиците од окружувањето стануваат поизразени, особено геополитичките ризици коишто предизвикуваат и нагорни ризици за инфлацијата. Во услови на поизразени ризици, монетарната политика и понатаму се води на претпазлив начин.
Народната банка во неколку наврати ја зголеми стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот, со што во нашиот банкарски се обезбеди солиден износ на дополнителен капитал врз оваа основа, зајакнувајќи ја на тој начин отпорноста на банките.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа, соопштуваат од Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески со ИФЦ: соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.
Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.
Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.
Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.
Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.
Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост, велат од НБРМ.
Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.