Економија
Одржана работна средба за подготовка за Европскиот квиз на парите
Народната банка беше домаќин на работна средба со наставниците и професорите координатори од основните и средните училишта од земјава кои ќе учествуваат во Европскиот квиз на парите. На денешниот настан се одржа презентација на одделните фази и обука за подготовка за натпреварот, кој во организација на Македонската банкарска асоцијација, Министерството за образование и наука, Народната банка и Комисијата за хартии од вредност по првпат се одржува во нашава земја, чија цел е финансиска едукација на младите од 13 до 15 години.
Во своето поздравно обраќање, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, укажа на значењето на финансиската едукација и истакна дека Европскиот квиз на парите, како иницијатива на Европската банкарска федерација, ги обедини финансиските регулатори и банките, како и образовните институции во земјава, со една многу значајна цел, а тоа е подобрување на вештините на најмладите во доменот на финансиите, што придонесува за подобрување на нивните знаења и способност да се соочат со работните и животните предизвици во иднина.
Таа изрази посебно задоволство од масовниот одѕив на повикот за квизот, со оглед дека бројот на пријавени одделенија и класови е многу поголем од очекуваниот, при што се проценува дека во фазата на интерни тестирања ќе бидат опфатени околу 3 000 ученици од целата земјата.
„Ваквиот пристап, со вклучување цели одделенија и класови, овозможува сите тие ученици да се запознаат со проблематиката на финансиската едукација, со аспекти поврзани со работењето на централната банка, банките, пазарите на хартии од вредност. Тоа претставува значајна придобивка и воедно, цел на иницијаторот и организаторите – масовен опфат, поширока едукација“ – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На настанот се обрати и заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов, кој меѓу другото истакна дека обуката и едукацијата на младите е приоритет за секое општество.
Присутните на настанот ги поздрави и Коста Митрески, претседател на Македонската банкарска асоцијација, а Милена Перчинкова од Асоцијацијата изврши презентација за текот на натпреварот. Потоа беа презентирани материјалите за финансиска едукација од Народната банка во областа на личните финансии, пари и банки, заедно со осврт кон прашањата за квизот, од страна на главниот економист, Анета Крстевска. Материјалите за подготовка за квизот од Комисијата за хартии од вредност беа презентирани од страна на Ивана Бољат.
На координаторите им беше укажано и за севкупната административна процедура за одржување на квизот. Натпреварот за Европскиот квиз на парите ќе се одвива во три фази. На 13 март ќе се спроведе првиот подготвителен тест во рамки на пријавените одделенија, односно класови, а една недела подоцна ќе се одржи и вториот подготвителен тест. Најдобрите по овие два теста ќе настапат на финалниот натпревар, којшто ќе се одржи во Скопје на 27 март, по кој ќе бидат познати двајцата најдобри ученици кои ќе ја претставуваат земјата на Европскиот квиз на парите во Брисел, на 7 мај годинава.
Се очекува дека овие активности поврзани со квизот значително ќе придонесат за подигнување на нивото на финансиска едуцираност на најмладите од земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

