Економија
Од утре секое домаќинство ќе може да произведува и да продава струја
Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Министерството за економија ги подготви измените и дополнувањата на Правилникот за обновливи извори на енергија со кои се овозможува граѓаните и компаниите да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија.
Овие измени, како што кажа министерот Бектеши, стапуваат на сила утре, со објавување на Правилникот во Службен весник.
„Со Правилникот за обновливи извори на енергија донесен од страна на Министерството за економија, согласно Законот за енергетика во 2019 година се воведуваат производителите потрошувачи како нови учесници на пазарот. Согласно Правилникот потрошувач производител е домаќинство, мал потрошувач, буџетски корисник кој може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, при што произведената електрична енергија ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведена електрична енергија го предава во електродистрибутивната мрежа. Досега потрошувач производител може да го предава вишокот на произведена електрична енергија во електродистрибутивната мрежа ако, меѓудругото, не е снабдуван со електрична енергија од универзалниот снабдувач, кажа министерот.
Според него, со овие измени се овозможува секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач, при што вишокот на преземената електрична енергија во пресметковниот период е просечната набавна цена на електричната енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи.
„Со измените се овозможува потрошувач производител да постави производна постројка со поголема инсталирана моќност со цел целосно да ја задоволи својата потрошувачка и воедно да пласира поголема количина во мрежата, со што за одредени категории субјекти целиот концепт станува поатрактивен. Па така наместо досегашните 4 kW, се предлага инсталираната моќност на постројката за производство да не е поголема од 6 kW, за домаќинствата и наместо досегашните 20 kW, се предлага инсталираната моќност на постројката за производство да не е поголема од 40 kW, за мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник“, кажа Бектеши и дополни дека со измените се овозможува заедница на домаќинства сопственици на посебни делови во станбена зграда или заедница на домаќинства сопственици на посебни делови во станбена зграда кои склучиле договор за вршење управувачки услуги со управител на станбени згради, да може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновливи извор до 6 kW, а произведената електрична енергија да се користи за потребите на заедничките делови во станбената зграда.
Според министерот со цел да се поттикне инвестирањето во обновливи извори на енергија, Владата, на предлог на Министерството за економија ја донесе Програмата за промоција на обновливи извори на домаќинствата за 2022 година.
„Средствата за реализација на оваа програма се во износ од 60.000.000 денари и истите ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година. Согласно тоа Министерството за економија во наредниот период ќе распише јавен оглас, на кој заинтересираните домаќинства ќе имаат право да аплицираат за остварување на надомест на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка“, кажа министерот и додаде дека со цел поедноставување на процедурите за инсталирање на фотонапонски системи на кров за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка, Министерството за економија предложи до Министерството за транспорт и врски да се направат измени во Законот за градење, односно да се избрише одредбата со која општината издава решение за поставување на фотонапонски системи на кров за потрошувачите производители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Тренчевска: Владата крати пари за најранливите во Буџетот, социјалната заштита под удар
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, во своето обраќање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека предлог-буџетот за 2026 година кој го предлага Владата не само што не обезбедува фискална консолидација, туку ја продлабочува фискалната нестабилност и создава сериозни ризици за економијата и граѓаните.
Наместо реални реформи и стабилност, буџетот нуди нереални проекции, енормно задолжување и директно прекршување на фискалните правила утврдени со Законот за буџети.
„Владата проектира дефицит од 3,5% спротивно на законскиот лимит од 3%, што претставува уште едно нарушување на фискалната дисциплина, а проекциите за раст и инфлација воопшто не се во согласност со податоците на Народната банка и ММФ. Тоа потврдува дека буџетот се темели врз нереален оптимизам и лажна слика за стабилност“, нагласи Тренчевска.
Таа потсети дека иако буџетот е наречен „развоен“, капиталните инвестиции се намалени за речиси 7 милијарди денари во однос на 2025 година, а реализацијата на капиталните расходи „до овој момент изнесува само 46%, што ја разобличува предизборната реторика за ‘градежна офанзива’“.
Тренчевска особено нагласи дека најголемиот удар во буџетот е направен врз Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Иако формално буџетот изгледа зголемен, суштинската анализа покажува дека средствата за најважните програми се драстично скратени. Се кратат надоместоците за лицата со попреченост, за децата, за болните и изнемоштени, за примателите на гарантирана минимална помош, за детските и образовните додатоци, за старите лица и за сите ранливи категории. Намалувањето изнесува скоро 2 милијарди денари“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека Владата кратела и средства за социјални услуги, деинституционализација, заштитни друштва и блок-дотации за градинките, што директно ќе ја влоши состојбата на терен.
„Во 2026 година нема да има ниту зголемување на правата од социјална и детска заштита, и покрај ветувањата и амандманите што Владата ги користеше за предизборни цели“, рече пратеничката на СДСМ.
Тренчевска предупреди дека проектираниот трансфер кон Фондот за пензиско осигурување достигнува повеќе од 62 милијарди денари, односно 1 милијарда евра – највисок досега.
Ова, според неа, „ја разголува несериозноста на владините политики кои го зголемија дефицитот на фондот за само 16 месеци од 32,5 на 45%“.
„Со ваквото зголемување се нарушува стабилноста на фондот и се доведуваат во неизвесност сегашните и идните пензионери“, посочи Тренчевска, додавајќи дека оптималниот сооднос за стабилен пензиски систем е 3:1, а овој сооднос ќе продолжи да паѓа со оглед на најавените затворања на компании и отпуштања на околу 1.000 работници, како и отпуштањата во текстилната индустрија„ истакна пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Економија
Ангелова: Буџетот за 2026 обезбедува зголемени средства за социјална заштита, како и за раст и редовна исплата на пензиите
На денешната седница за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, која се осврна на делот кој се однесува на социјалната заштита и поддршката на граѓаните, истакнувајќи дека цврсто стои зад буџетската рамка, затоа што обезбедува зголемени средства за социјална заштита и поддршка на ранливите категории.
„Предлог Буџетот за 2026 година обезбедува зголемени средства за социјална заштита, и поддршка на ранливите категории – децата, лицата со попреченост, самохраните родители, старите лица и сите кои се соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост. Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на платите и пензиите, како и континуирана социјална заштита. Средствата за социјална заштита се проектирани на 206,3 милијарди денари, што е раст од 6,7 проценти. Платите изнесуваат 52,6 милијарди денари, или 7 проценти повеќе во однос на оваа година, во кое е опфатено зголемување на платите со порастот на минималната плата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангелова посочи дека ќе продолжи растот на пензиите и во наредниот период но и дека ќе се продолжи со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг како и засилена фискална дисциплина и транспарентност.
„Во пензискиот систем се вклучени сите зголемувања реализирани во износ од 5.000 денари во септември 2024 и март 2025 година, како и последното зголемување од 1.000 денари. Растот на пензиите ќе продолжи и во наредниот период, со цел поддршка на стандардот на пензионерите. Со овој Предлог – буџет за 2026 година ќе има засилена фискална дисциплина, поголема ефикасност во капиталните инвестиции, централизирана контрола и транспарентност, јасна процедура за субвенции и трансфери, подобра контрола врз општините, транспарентност во повратот на приходи, редовно известување и отчетност, правна сигурност и предвидливост и поголема одговорност на институциите“, рече Ангелова.
Економија
Битиќи: Новиот буџет носи рекордно задолжување
На денешната комисиска расправа за финансирање на буџет, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи обвини дека предложениот буџет на Владата носи рекордно задолжување и историски најголемо плаќање камати.
„Во 2026 година јавниот долг ќе се искачи над 62% од БДП, со планирано задолжување над 120 милијарди денари и „рекордни 21,27 милијарди за камати“, посочи Битиќи.
Тој нагласи дека парите наместо во развојни проекти се топат во дефицитот.
„Од проектираните даночни приходи од околу 200 милијарди денари, наместо да завршат во училници, операциони сали, лаборатории, патишта и железници, тие ќе исчезнат во јазот на дефицитот и во каматите“, рече Битиќи.
Тој укажа и на сериозно кратење на капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на 40,2 милијарди денари, значително помалку од 47,3 милијарди во ребалансот за 2025.
Битиќи предупреди и на падот на странските директни инвестиции кои паѓаат од 570 милиони евра на 220 милиони евра.
„Средствата за општински инфраструктурни проекти се кратат од 6,3 милијарди на 2,6 милијарди денари, а во технолошко-индустриските зони има само 273 милиони денари. Исто така и евроинтегративните програми се кратат од 4,45 на 3,2 милијарди денари, што е јасен сигнал за оддалечување од ЕУ“ потенцираше Битиќи.
Тој оцени дека 2026 година е подготвена како популистичка или изборна година, со раст на тековните расходи и кратење на капиталните инвестиции.
„Пред нас имаме октроиран буџет на влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. Граѓаните заслужуваат да ја видат вистината. СДСМ ја повикува Владата да повлече ваков модел на волунтаризам и да изготви буџет кој ќе биде легитимен по постапката и развоен по суштината.“, посочи Битиќи.

