Економија
Онлајн-играч на Лото 7 доби шестка вредна над 5.000 евра
Најголемата добивка од претходното коло Лото 7, во вредност од 348.297,50 денари, е 6-ка од одиграна комбинација преку онлајн-платформата на Државна лотарија.
Извлекувањето од 33. коло се реализира на 25 април, во сабота. Добитникот, со иницијали Р.Т., верува во среќата, има 31 година, живее и работи во Гевгелија и станал онлајн-учесник во игрите на среќа со оглед на новонастанатата ситуација.
„Нашиот онлајн-добитник, во саботата, од удобноста на својот дом во Гевгелија, во 13:27 часот, ги уплатил и одиграл своите 8 комбинации Лото 7, а вечерта го следел ТВ-извлекувањето. Кога беа извлечени броеви 3, 5, 6, 7, 25, 31 и 36, не можел да верува дека на екранот ги видел наредени сите броеви од вториот до седмиот од својата прва одиграна комбинација, сите освен првиот кој го оддели од 7-ка“, информираат од Државна лотарија.
Иако не ја открил симболиката на броевите, Р.Т. во телефонскиот разговор соопштил дека редовно ги игра токму овие броеви затоа што имаат огромно значење за него.
Од уплатениот депозит за игра, во вредност од 300 денари, одиграл 160 денари и за таа сума добил 348.297,50 денари, или над 5 000 евра.
По средствата нема да доаѓа на ниту една од благајните на Државна лотарија, што е една од најголемите предности на онлајн-играњето Лото 7 и Џокер.
Во телефонскиот разговор добитникот споделил дека е редовен лото-играч, но поволноста за онлајн-учество во Лото 7 и Џокер решил да ја користи согласно ситуацијата.
Досега имал помали добивки, најмногу од играта на среќа Џокер, кои ги користел за понатамошна игра, но ова е првата добивка која преку корисничкиот профил ќе си ја префрли на трансакциска сметка.
Р.Т. од Гевгелија е првиот онлајн-учесник на игрите на среќа на Државна лотарија што освои поголема добивка.
Иако Државна лотарија ја овозможи услугата за онлајн-уплата и учество во игрите на среќа Лото 7 и Џокер уште во октомври минатата година, токму во сегашни услови се гледа дека е повеќе од добредојдена.

„Нашиот најнов добитник упати многу позитивни коментари за практичноста и едноставноста на онлајн-уплатата и учеството во игрите на среќа Лото 7 и Џокер, истакнувајќи ја предноста што може да се игра од дома (место во вакви времиња да оди на продажно место). Како најголема предност ја издвои брзата исплата на средства“, информираат од Државна лотарија.
Никогаш не размислувал каде би ги потрошил парите доколку му се падне 7-ката, иако првпат среќата го донела толку близу до неа, но сепак оваа добивка би ја искористил за патување кое одамна го посакувал, секако откако ќе се среди ситуацијата со коронаирусот.
„Честитајќи му на Р.Т. од Гевгелија, потсетуваме на предностите за онлајн-учество во игрите на среќа Лото 7 и Џокер, како и на актуелната кампања ‘300 + 100’“, се вели во соопштението на Државна лотарија.
Повеќе информации играчите може да добијат на социјални медиуми, на броевите на центарот 02 323 7777 и вибер-бројот 076 313 052 како и на www.loto.mk
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

