Економија
Отворена истрага против четири лица за стечајот на Еуростандард банка
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истрага против четири лица за кои постои сомнение дека сториле кривично дело предизвикување стечај на Еуростандард банка и продолжено кривично дело перење пари.
Како што информираат од обвинителството, осомничените како лица со посебни права и одговорности во Еуростандард банка, во периодот од 2018 до 2019 година, ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот.
„Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на гувернерот на НБРСМ, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката. Воедно го зголемиле ризикот од концентрација и масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за измирување на обврските и нереалната класификација, што резултирало со погрешно известување за финансиската состојба на банката и нејзините сопствени средства како кон НБРСМ, така и кон останатите заинтересирани страни“, се наведува во соопштението од обвинителството.
Во него се додава дека со ваквото работење, осоминичените придонеле за генерирање големи материјални кредитни загуби, со што го намалиле износот на сопствените средства на банката и наметнале потреба од значителна докапитализација на банката, а притоа не извршувале капитализација по мерка изречена од гувернерот на НБРСМ.
„Сето ова придонело банката по сила на закон да биде во услови на стечај, што подразбира дека депозитите не може да бидат вратени во пари на доверителите, штедачите и депонентите на банката, со што банката била доведена во состојба на несолвентност. Така, од нефункционални изложености со состојба во време на отворање на стечајната постапка од нефункционални кредити за 149 правни лица била предизвикана штета од 3.378.030.720 денари, при што повластените кредитни должници со невраќање и неможност за присилно враќање на долг од кредитот се стекнале со корист, а штедачите и другите депоненти на банката биле оштетени“, стои во соопштението.
Исто така, осомничените како лица со посебни права и одговорности во Еуростандард банка, во периодот од 2017 година до 2020 година, во повеќе наврати овозможиле отворање на нерезидентни трансакциски сметки преку кои дозволите трансакции и воспоставиле деловен однос со правни лица.
„Спротивно на нивната законска должност, иако имале обврска согласно Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, тие во Управата за финасиско разузнавање не пријавувале сомнителни трансакции кои укажуваат на перење пари, имот или имотна корист, а за што во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во 2020 година започнале предистражни постапки“, велат од обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.
Економија
Божиновска: Соларната енергија е еден од клучните столбови на македонската енергетска транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се обрати на настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, организиран од Агенцијата за иновации и научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, по повод 26 јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека одбележувањето на Меѓународниот ден на чистата енергија претставува силен потсетник за заедничката одговорност, но и за стратешката можност што ја има државата во процесот на енергетската транзиција кон одржлив, сигурен и модерен енергетски систем.
„Соларната енергија денес е еден од најважните столбови на националната енергетска транзиција. Македонија има сериозен сончев потенцијал и наша јасна стратешка определба е тој потенцијал да го искористиме максимално – преку стабилна регулаторна рамка, поддршка на инвестициите и активна улога на државата“, нагласи Божиновска.
Таа посочи дека изминатата година е забележан значителен раст на фотоволтаичните капацитети, како резултат на зголемениот интерес и од инвеститорите и од граѓаните, што ја потврдува довербата во соларната енергија како исплатливо и одржливо решение. Министерката нагласи дека Министерството не е само регулатор, туку активен двигател на процесите, со фокус на државни инвестиции во соларни капацитети, системи за складирање на енергија и стратешко планирање на декарбонизацијата.
Во обраќањето беше истакната и важноста на партнерството со приватниот сектор, академската заедница и граѓаните, како неопходен предуслов за успешна и праведна енергетска транзиција.
„Енергетската транзиција не е проект на една институција. Таа е заеднички процес кој бара соработка, знаење и визија. Само така можеме да изградиме модерен, сигурен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот и почиста животна средина“, порача Божиновска.
Настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, кој се одржа во Europe House, вклучи едукативна сесија и панел-дискусија за можностите и предизвиците на соларната енергија во Македонија, со учество на претставници од институции, академската заедница и компании од енергетскиот сектор.
Економија
Потпишан Протокол за правила за потекло со Обединетото Кралство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон, денеска го потпишаа Протоколот за правила за потекло, кој претставува интегрален дел од Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Протоколот за правила за потекло овозможува практична и правна примена на проширената кумулација со материјали со потекло од Европската унија, земјите на ЕФТА, како и од другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, со кои двете држави применуваат преференцијална трговија.
„Проширената кумулација на потекло на стоките директно ќе придонесе за унапредување на можностите на македонските извозници за користење преференцијален третман при утврдување на потеклото на стоката во трговијата со Обединетото Кралство. Ова е особено значајно за секторите со сложени производни ланци и висок удел на материјали од Европската унија и другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, како и во контекст на усогласувањето со новите трговски односи на Обединетото Кралство по излегувањето од Европската унија.
Со потпишувањето на овој Протокол се создаваат услови за зголемен извоз, отворање нови работни места, зајакнување на економијата и поголема економска сигурност за граѓаните, преку подобро позиционирање на македонската економија на еден од најзначајните европски пазари“, соопштија од Министерството.

