Економија
Отворени објекти за фитосанитарна и ветеринарна инспекција на Блаце
Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар, и директорот на Агенцијата за храна и ветерина, Зоран Атанасов, денеска, официјално ги отворија објектите за ветеринарна и фитосанитарна контрола на граничниот премин Блаце.
Изградбата на овие два објекта е финансирана и спроведена преку ИПА 2-програмата за 2015 година на Европската Унија. Проектот е во вредност околу 790 илјади евра.
„Секое заедничко остварување е значајно и пријателството што го сведочиме секој ден е силно охрабрување и поттик дека сме на вистинскиот пат и дека постапуваме на вистинскиот начин. Со датумот за преговори утврден за јуни в година, Владата на Република Македонија влезе во процес со искреност и одлучност да покаже дека ќе се соочиме со секој предизвик до тогаш и дека ќе испорачаме резултати. Овој процес ги вклучува и натамошните реформски зафати, кои и понатаму имаат поддршка преку ИПА-програмата како дел од целокупниот подготвителен процес за идното членство на Република Македонија во Европската Унија“, изјави премиерот.
Министерот Николовски порача дека изградбата на двата објекта е чекор напред во приближувањето кон Европската Унија исполнувајќи ги највисоките стандарди во областа на трговијата и безбедноста на храната и здравјето на растенијата.
„Унапредувањето на националната политика за интегрирано гранично управување ја креираме водејќи сметка за развој на економијата во согласност со потребите на бизнис-заедницата. Континуирано работиме на приспособување на земјоделскиот сектор кон европските стандарди и на негова модернизација со цел исполнување на највисоките стандарди за безбедност на храната, здравјето на растенијата и исполнувањето на еколошките стандарди како еден од приоритетите на Унијата. Осовременувајќи ги производството и трговијата, ја зголемуваме и конкурентноста на стопанството во целина“, изјави министерот Николовски.
Жбогар изјави дека пуштањето во употреба на овие гранични инспекциски згради е приоритет за безбедноста храната за граѓаните. Директорот на АХВ, Зоран Атанасов, појасни дека објектите се дизајнирани и изградени во согласност со највисоките стандарди и одобрени од инспекциската служба на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

