Економија
„Поддршка за нови енергетски проекти и зајакнување на стратешкото планирање“: средба на Божиновска со Клаус Милер од КфВ банка
Во рамките на ESG Adria Summit 2025, што се одржува во Тиват, Република Црна Гора, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со директорот за финансии на АД ЕСМ Иван Стојановски, оствари работна средба со Клаус Милер, директор на КфВ банка за Југоисточна Европа и Турција.
Средбата беше фокусирана на напредокот и понатамошната реализација на неколку стратешки проекти: втората фаза од ветерниот парк Богданци, фотонапонската електрана „Битола 2“, како и третата фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани.
„Овие проекти не само што го зголемуваат домашното производство на електрична енергија, туку и го зајакнуваат целиот енергетски систем на државата. Партнерството со КфВ банката е значаен поттик за трансформацијата кон одржлива енергетика“, истакна министерката Божиновска.

Посебно внимание беше посветено на нови иницијативи за техничка помош насочена кон унапредување на интерните капацитети на АД ЕСМ, за среднорочно и стратешко планирање, со акцент на инвестициските проекти. КфВ банката потврди дека останува стратешки партнер и дека ќе продолжи со поддршка за нови проекти, меѓу кои се и фотонапонската електрана „Битола 3“ и други инвестиции во обновливи извори на енергија, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Проектите што се реализираат со поддршка од КфВ директно придонесуваат за збогатување на портфолиото од обновливи извори на енергија во Република Македонија, како и за долгорочна енергетска стабилност и сигурност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
УЈП со повик до организаторите на зелени пазари: да поднесат извештај за тековната состојба на корисниците на тезги за наредната година
Управата за Јавни приходи со потсетување до организаторите на зелен пазар, дека имаат обврска до УЈП да поднесат извештај за корисниците на продажните места на зелените пазари (образец ПДД-И/ЗП), преку системот https://e-ujp.ujp.gov.mk./ureg/login.seam. Извештајот ПДД-И/ЗП, како што е нагласено, се поднесува посебно за секој одделен зелен пазар.
Доколку во текот на годината настане промена на бројот на корисници на зелениот пазар трговецот е должен да достави нов извештај до УЈП најдоцна до 10-ти во месецот кој следи по месецот за кој се однесува промената.
Во насока на унапредување на досегашната соработка и обезбедување навремени, ажурни и точни податоци во годишните и месечните извештаи за корисниците на тезги на зелените пазари, навременото доставување на овие информации е од суштинско значење за ефикасно и транспарентно постапување со што се постигнува висока усогласеност со законските обврски, се одбегнува примената на прекршочните одредби, се зголемува усогласеноста на даночните обврзници – корисници на тезги, се обезбедува навремено и правично оданочување. Управата за јавни приходи Ве потсетува на законските одредби од Законот за данок на личен доход како следи: Паушално се оданочуваат само физички лица кои вршат продажба на сопствени земјоделски производи на зелените пазари. Сите лица кои вршат продажба на други добра не може да се оданочуваат паушално и треба да бидат регистрирани во некоја од организационите форми согласно Закон за трговски друштва ЗТД (правно лице или трговец поединец – вршител на дејност). Нивното оданочување се врши во зависност од организационата форма во која се регистрирани. Доколку едно правно лице – организатор на пазар поседува повеќе зелени пазари, потребно е да поднесе извештај со податоци за секој одделен пазар. Дколку пазарот е од сезонски карактер, потребно е навремено известување до службеното лице во Управата за јавни приходи кое ве администрира како даночен обврзник, со соодветно појаснување и приложени докази, за пазарот да биде означен како сезонски во системот е-Даночни услуги. Врз основа на доставените извештаи, Управата за јавни приходи врши утврдување на данокот на личен доход, за што донесува решенија за паушално оданочување најдоцна до 31 јануари 2026 година, или најдоцна до крајот на месецот кој следи по месецот за кој се однесува промената во извештајот. Со решението за паушално оданочување, Управата за јавни приходи до даночниот обврзник доставува месечни аконтативни пресметки за плаќање на данокот. Рок за плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход е до 15-ти во месецот за предходниот месец. Како да го поднесете извештајот? 1.Навреме склучете договор со физичките лица – закупувачи и корисници на тезги. 2. Пријавете се во системот https://e-ujp.ujp.gov.mk./ureg/login.seam 3. Поднесете податоци за сите зелени пазари кои ги организирате. 4. Во случај на сезонски пазар, навремено известете ја УЈП. 5. Доколку во текот на годината настанат промени (престанок на користење на тезга или нов корисник на тезга), имате обврска да поднесете нов извештај до УЈП.
Економија
Министерството за финансии: Нови 14,2 милиони евра поддршка за домашните компании, трансферирани две транши од буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата на две нови транши кон Развојната банка за поддршка на домашните компании. Имено, исплатени се транша во вредност од 305 милиони денари и транша од 568 милиони денари, односно вкупно 873 милиони денари или 14,2 милиони евра.
Со исплатата на овие транши вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 217,5 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
Владата средствата ги обезбеди преку кредитна линија од унгарската Експорт-импорт банка, со цел поддршка на домашната економија, а преку пласман на средства по поволни услови за компаниите за реализација на приватните инвестиции во развој на компаниите и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно и рок на отплата до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесуваат 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Минималната плата ќе се зголеми во март за 1.500-2.000 денари, зголемување пред март ќе значи отпуштање работници, вели Дурмиши
Економско – социјалниот совет на денешната седница не се договори за зголемување на минималната плата барем на 500 евра, според барањето на Сојузот на синдикати на Македонија од мај 2024 година, пред изборите. Министерот за економија Бесар Дурмиши по седницата кажа дека минималната плата во март, со редовното усогласување ќе се зголеми за 1500 до 2000 денари, точно ќе се знае по Нова година, а интервентно зголемување на минималната плата рече дека ќе значи отпуштање работници од малите и средни претпријатија кои нема да го издржат ударот.
„Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата туку преку дијалог оставаме таа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците. Сепак, според нашите индикатори во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено со закон и кое би било меѓу 1500 до 2.000 денари. Со интервентно покачување малите и средни претпријатија со економски и финансиски проблеми ќе ги отпуштаат вработените. Мене ако ме прашате 1000 евра треба да биде минималната плата, може така да кажеме и да бидеме херои пред народот, но тоа ќе предизвика проблеми кои ќе се видат за два – три месеца“, рече министерот Дурмиши и нагласи дека во регионот добро стоиме оти пониска минимална плата отколку кај нас има во Бугарија, Албанија и Турција.
Го демантираше претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, Слободан Трендафилов кој кажа дека од први јануари 500 евра е минималната плата во Албанија, 430 па од јуни 500 евра во Косово, 550 евра во Србија, а Босна и Херцеговина, се веќе далеку, минималната плата таму ќе биде колку просечната плата во Македонија.

Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати
Трендафилов вели дека на седницата се зборувало за различен износ на минималната плата кој се движел од 500 до 1000 евра, па остава простор Владата во следните денови да се изјасни за зголемување на минималната плата. Побара да се договорат што е можно побрзо оти во спротивно тие ќе се организираат и ќе постапат како пред три години.
„Ако ја чекавме претходната Влада во 2022 година да го почитува само законот за минималната плата, да не протестиравме, да не штрајкувавме за негова измена и промена на критериумите, денеска работниците ќе имаа 19.000 денари минимална плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати.
Минималната плата изнесува 24.397 денари.

