Економија
Почна етапната исплата на јунските пензии

Од денеска почна етапната исплата на јунските пензии.
Пензиите се исплаќаат етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.06.2021 година (вторник);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.06.2021 година (среда);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 01.07.2021 година (четврток);
За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 02.07.2021 година (петок).
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 29 јуни (вторник). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.
Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.
Апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.
Министерството потсетува на обврската за носење лична заштитна опрема којашто ги покрива пределот на носот и устата како и на држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
НБРМ: Граѓаните сè почесто ги избираат дигиталните канали за плаќање

Најновите податоци од платежната статистика на Народната банка за вториот квартал од 2025 година покажуваат натамошен раст на електронските плаќања, при што сè поочигледно е дека граѓаните почесто ги избираат мобилните апликации и платежните картички за извршување на плаќањата, отколку шалтерите, соопшти НБРМ.
Во споредба со истиот период минатата година, електронските плаќања со платни налози бележат раст за 9% по број и за 20,9% по вредност. Особено е брз растот на електронски иницираните плаќања преку дигиталните канали, односно трансакциите растат за 18,6%, а вредноста за 28,3%. Најголемиот дел од платежните трансакции иницирани преку дигиталните канали (71,3%) се извршени преку мобилни апликации, што потврдува дека преовладува употребата на мобилниот телефон како најбрз и наједноставен начин на плаќање.
Се зголемува и користењето на платежните картички. Бројот на плаќањата со картички е поголем за 8,4%, а нивната вредност за 11,4%. Зголемувањето најмногу произлегува од зголеменото купување преку интернет (14,8%), но раст има и кај плаќањата во продавниците (7,9%).
Овие податоци, според НБРМ, јасно укажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,23 п.п., при што во август таа изнесува 2,19%.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,54 п.п. и изнесува 4,90%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска.
Економија
Божиновска: Енергетски стабилна Македонија со повеќе обновливи извори

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес учествуваше на панел-дискусијата „Жени во енергетиката“ во рамки на Конференцијата „Јас сум жена“.
„„Нашата визија за енергетска Македонија е јасна – да бидеме земја што произведува доволно енергија за сопствени потреби, притоа поголем дел од неа да биде од обновливи извори и да имаме модерна и дигитализирана мрежа што е дел од европската енергетска архитектура. Македонија мора да биде стабилна за своите граѓани и компании, но и доверлив партнер во регионот“, изјави министерката.
Божиновска ја нагласи и улогата на енергетската дипломатија како алатка за обезбедување одржлива иднина – преку регионална соработка, заеднички инвестиции и интегрирани пазари.
„Регионалниот енергетски систем е тесно поврзан – ниту една земја сама не може да обезбеди стабилност и сигурност, особено во време на енергетска транзиција. Затоа енергетската дипломатија значи да преговараме, да се договараме и да соработуваме така што сите ќе добиеме – сигурни испораки, интегрирани пазари и стабилна инфраструктура“ рече Божиновска.
Говорејќи за новоформираното министерство, таа истакна дека неговите темели се поставени врз визија, професионалност и транспарентност, со јасна мисија – енергетиката да биде двигател на економскиот развој.
„Создавањето на оваа институција е порака дека енергетиката е срцето на економскиот развој и иднината на земјата. Во темелите ги вградивме компетентноста, отчетноста и визијата за одржлива иднина – секое наше решение мора да биде усогласено со европските зелени цели и заштитата на животната средина“, нагласи Божиновска.
Во своето обраќање, министерката посочи и на најголемите предизвици: застарената инфраструктура, потребата од инвестиции и модернизација, како и регулаторни промени што ќе ја охрабрат приватната иницијатива.
„ Првиот голем предизвик е староста и неефикасноста на дел од постојната инфраструктура. Производните капацитети како и преносната и дистрибутивната мрежа се градени пред децении и не се дизајнирани за интеграција на големи количества обновливи извори. Тоа бара значителни инвестиции и внимателно планирање за да се модернизира системот без да се наруши стабилноста. Вториот предизвик е финансирањето. Енергетските реформи се скапи, особено кога станува збор за изградба на нови капацитети, дигитализација на мрежите и проекти за енергетска ефикасност. Затоа мора да се работи со комбинација од јавни инвестиции, европски фондови и приватен капитал. За да можат реформите да успеат, потребна е транспарентна и предвидлива регулатива што ќе го охрабри приватниот сектор да инвестира. Тоа значи поедноставени процедури, брзи дозволи и јасни правила за пазарот. И на крај, но не помалку важно, е човечкиот фактор. Транзицијата кон нов енергетски модел не е само технолошка, туку и општествена промена. Таа бара обучени кадри, нови знаења и култура на одговорност – и кај институциите и кај граѓаните“ рече Божиновска.
Таа потенцира дека реформите веќе се спроведуваат – со подготовка на нови фотоволтаични и ветерни капацитети, модернизација на мрежата и програми за енергетска ефикасност.
„Овие чекори покажуваат дека реформите не се само визија, туку реалност што веќе се случува“, рече Божиновска.
Божиновска ја искористи приликата да потсети и на започнатиот процес за институционална заштита на македонскиот рубин – единствениот во Европа што природно се вади и обработува. „Ова е национално богатство и природна гордост која заслужува вреднување и меѓународна промоција“, порача таа.