Економија
По 27 пат, даночните службеници го одбележаа „Свети Матеј“ – Денот на даночните работници
По повод „Св. Матеј“ – Денот на даночните работници директорката на УЈП Елена Петрова се обрати пред вработените и им го честита празникот на даночниците, а традиционално ги додели и признанијата за долгогодишна непрекината 10, 20, 30 и 40 годишна работа во Управата за јавни приходи.
Пред вработените директорката појасни дека посебна е честа да се доделат јубилејните и наградите за вработените во Управата за јавни приходи, кои со својата посветеност, труд и професионализам ја негуваат и надоградуваат основата на работењето на УЈП.
„Нашиот патоказ води НАПРЕД со препознавање на сите предизвици и користење на сите можности, а резултатите ќе овозможат секој од нас и сите заедно како УЈП да бидеме вреднувани а јавноста да ја зајакне довербата во нас. Ние веќе ги упативме пораките во јавноста, пораката дека ќе работиме за повеќе даночни приходи и побогато општество, пораката до младите луѓе – „Данок плати – во иднина да ти се врати“. Во создавањето трансформативни промени на УЈП, човечкиот потенцијал и силната администрација се главните фактори кои можат да обезбедат здрава средина и кондиција за резултати и успех. Секој од Вас даночните службеници треба да даде мал придонес за големи резултати, за што ќе создадеме средина која го поддржува Вашиот професионален развој.
Одбележувањето на Денот на даночните службеници оваа година внатрешно оди со мотото „Нашиот тим – карактер и идентитет“. Ова не се само зборови, туку суштина на она што го создаваме секој ден. Тимскиот дух е темел за резултати бидејќи само преку заедничка работа, меѓусебна поддршка и следење на визијата на УЈП можеме да постигнеме успех. Ние сме тим кој е посветен на континуиран развој и напредок и заедно ги градиме сите основи на силна и ефективна даночна администрација. Кога се посветуваме на нашите задачи и ги споделуваме нашите знаења, создаваме силен тим кој е способен да ги надмине сите предизвици и да ја води организацијата напред. Денес одбележете го празничниот ден во духот на заедништвото и припадноста на локалниот тим, со колегите во Вашата дирекција.“
Раководен тим на УЈП и директорката одржаа и работна средба со вработените кои се пензионирале во тек на минатата година и им додели Благодарници за траен печат во сите аспекти на работењето во УЈП. Директорката Петрова, во име на сите вработени, им се заблагодари за нивната посветеност, труд и за сè што вложиле во развојот на Управата за јавни приходи.
„Иако сега се во пензија и уживаат во заслужениот одмор нивното влијание продолжува да живее во нас, бидејќи не само што создале основа за успех, туку и ги пренеле своите знаења и вредности на колегите, на новите генерации, даночни службеници.“ – појасни Петрова.
Како и секоја година, по повод Денот на даночните работници, празникот „Св. Матеј“, даночните работници од целата земја учествуваа во крводарителската акцијата „Капка крв, спасува живот“ на која вработените даруваа крв. Во соработка со Синдикалната организација на Управата за јавни приходи – Солидарност и Црвениот крст, крводарителската кампања се одржа денес во Скопје, а претходно и во повеќе градови низ државата. Оваа хуманитарна активност ја покажува посветеноста на даночните работници на заедницата и нивната поддршка за најранливите. Дарувањето крв е уште една потврда за општествената одговорност на УЈП и нивната бескрајна грижа за доброто на сите. Овој хуманизам продолжува да биде инспирација за сите кои имаат потреба од помош и поддршка.
Во рамки на активностите по повод „Св. Матеј“ Плакета за посебен придонес за унапредување на процесите на УЈП, беше доделена на Министерство за финансии на САД-Канцеларија за техничка помош (ОТА), а на вработените во Регионалната дирекција Битола, им беше доделена Плакета за посебен придонес во извршување на работните задачи. Пофалница беше доделена и на работната група која изминатиот период работеше на Проектот за електронско уверение со состојба на остварен приход, додека на 38 вработени им беа доделени Пофалници за организациски унапредувања, успех во поединечни подрачја, на работа во вршењето на работни задачи и подобрување на угледот на службата.
Во текот на целата недела се одржаа низа активности како и Панел дискусии на тема „Повеќе даночни приходи за побогато општество – перцепции и перспективи“, во Скопје и Битола, а беше реализирана и традиционалната хуманитарна акција на која од лични средства, вработените во УЈП обезбедија донација во вредност од 123.000 денари за основното училиште со ресурсен центар „Св. Климент Охридски“ во Ново Село.
Исто така беше доделена и наградата за најкреативно видео на Конкурсот „Данок плати – во иднина да ти се врати“ на кој пристигнаа 22 видеа од исто толку средни училишта во државата. Наградата за најкреативно видео ја добија учениците Тамара Китаноска, Александра Ташкоска и Леонид Темелкоски од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ Прилеп под менторство на класниот раководител и наставник во училиштето Александар Костадиноски.
Оваа година УЈП, по 27 пат го одбележа Денот на даночните работници „Св. Матеј“ и 77 години од воспоставување на даночниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Партнерство за енергетската иднина“: Потпишан Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УНДП“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува јасна и долгорочна рамка за заедничко делување во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливиот развој.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан. Со Меморандумот се зајакнува институционалната соработка меѓу двете страни и се отвора простор за координирани активности насочени кон праведна и инклузивна енергетска транзиција, зајакнување на енергетската независност и отпорност на државата, како и исполнување на националните и меѓународните климатски цели.
„Овој Меморандум претставува силна потврда на нашата заложба за модерна, одржлива и праведна енергетска транзиција. Преку партнерството со УНДП добиваме дополнителна експертиза и поддршка за креирање и спроведување политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, економијата и животната средина“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Соработката ќе се реализира во согласност со националните приоритети и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија за периодот 2026–2030, со посебен фокус на добро управување, транспарентност и активно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со енергетиката.
„УНДП останува посветен партнер на институциите во Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој. Овој Меморандум создава силна основа за заедничка работа во енергетскиот сектор, со фокус на чиста енергија, намалување на емисиите и инклузивен јавен дијалог“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Меморандумот предвидува заеднички активности во развојот на енергетскиот сектор, рударството и управувањето со минералните ресурси, намалување на емисиите на стакленички гасови преку зголемена примена на обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност, како и поддршка во изработката и спроведувањето на национални стратегии, законодавство и акциски планови во областа на енергетиката.
Особено значаен сегмент од соработката е насочен кон јакнење на институционалните, техничките и човечките капацитети, преку градење експертиза и подобрување на процесите за креирање и спроведување јавни политики, како и кон унапредување на транспарентноста и инклузивниот јавен дијалог, со посебно внимание на младите, жените и ранливите групи граѓани. Во рамки на партнерството е предвидена и заедничка организација на национални и меѓународни настани, форуми и иницијативи посветени на одржливиот развој и енергетската транзиција.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за енергетика и УНДП во насока на одржлива и сигурна енергетска иднина за Северна Македонија.
Економија
Новата Ford Puma Gen-E финалист на европскиот натпревар AUTOBEST 2026!
Ford Puma Gen-E е избрана за финалист на престижниот избор AUTOBEST 2026 – признание што ја потврдува визијата на Ford за иновативна, ефикасна и достапна мобилност.
Како нова електрифицирана генерација на омилениот кросовер, Puma Gen-E комбинира динамичен дизајн, напредни технологии и практичност создадена за секојдневието. Со фокус на одржливост и паметни решенија, моделот нуди возбудливо искуство во градот и надвор од него, без компромис во удобноста и перформансите.
Ова признание од AUTOBEST е уште една потврда дека Ford Puma Gen-E поставува нови стандарди во својата класа.
👉 Вашиот глас е важен!
Поддржете ја Ford Puma Gen-E и гласајте во изборот AUTOBEST 2026 на https://autobest.org/.
AUTOBEST е еден од најрелевантните и највлијателни европски автомобилски избори, основан со цел да ги претставува интересите на реалните возачи низ целиот континент. Жирито на AUTOBEST го сочинуваат реномирани автомобилски новинари од повеќе од 30 европски земји, кои заедно претставуваат над 90% од европскиот автомобилски пазар.
Финалистите и победниците на AUTOBEST се сметаат за репер во европската автомобилска индустрија, а самото учество во финалната селекција претставува значајно признание за квалитетот и визијата на еден модел.
(ПР)
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“

