Економија
Претседател на ССК, Ангелоски: Бизнисите да реагираат претприемачки, институциите да обезбедат поддршка
Ситуацијата во која се наоѓаат бизнисите е исклучително тешка и неизвесна, економските оператори немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност, бидејќи кризата со која се соочуваме трае многу долго, а предизвиците се надоврзуваат еден на друг. За да се постигне баланс и надминување на предизвиците деловните субјекти мора да реагираат претприемачки, односно да бараат нова шанса во секој проблем, но и да добијат соодветна добро димензионира и таргетирана поддршка од државата, истакна претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски кој учествуваше на „Марили бизнис форум“ кој денеска се одржува во „Инекс Олгица Хотел“ Охрид. Претседателот го истакна и значењето на жените во бизнисот и женското претприемништво и активноста на жените претприемачки во ССК и воопшто. На форумот како учесник и спонзор беше и Тања Дејаноска, претседателката на Комората на приватно здравство при Сојузот.
„Кризната ситуација во која се наоѓаме веќе трета години целосно го промени начинот на водење на бизнис. За да се остане во игра, односно да се сочува деловната активност треба да се развијат нови вештини како и нагласена способност за прилагодување. Растот на цените на енергенсите предизвика сериозен раст на инпутите во производните процеси, зголемувањето е на дневно основа и многу тешко се планира и одржува деловната активност. Синџирите на снабдување целосно се нарушени. Прогнозите за наредниот период се многу неизвесни, сите релевантни финансиски институции ги коригираат очекувањата за стабилизација на економиите и го одложуваат периодот за враќање на состојбите пред почеток на кризата. Пакетот на мерки кои го донесе Владата има позитивен ефект во надминување на несаканите ефекти, но сметаме дека постои простор за нивно надополнување и модификација бидејќи мерките имаат пренагласена социјална компонента и треба да се насочени повеќе кон поддршка на реалниот сектор бидејќи таму се креира додадена вредност, истакна Ангелоски кој беше панелист во сесијата „Економски баланс- турбулентни предизвици“, заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Ангелоски истакна дека и Сојузот се насочува кон креирање на нови можности за своите членови преку вклучување во нови регионални иницијативи како што е „Зелен навигатор на Западен Балкан“, кој ќе обезбеди поддршка во зелената трансформација на економијата.
„Иницијативата „Зелен навигатор на Западен Балкан“ делува во насока на намалувањето на влијанието на климатските промени врз регионалната економија и општеството воопшто. Значајно е тоа што преку „Зелен навигатор“ во фаза на акредитација е Зелен климатски фонд, преку кој ќе се финансираат климатски одговорни инвестиции во приватниот и во јавниот сектор во земјите од Западен Балкан, што ќе биде значаен придонес кон забрзување на зелената трансформација“, истакна Ангелоски.
Во панел дискусијата тој потенцираше дека во нашата земја жената како човечки капитал не е ставена во функција на економски раст и развој бидејќи половина од работоспособното женско население воопшто не се наоѓа на пазарот на труд.
„Ако сакаме да постигнеме побрзо надминување на последиците од кризата и економско закрепнување неопходно е да со создаде поволно окружување во земјата кое ќе создаде услови за вработување и самовработување на жените. Сојузот со години наназад работи на креирање политики за поддршка на женското претприемништво, но факт е дека има уште многу што да се направи. Најголеми предизвици со кои се соочуваат жeните кои сакаат да отворат бизнис се стереотипите за улогата на жената во нашето општество што преставува серозен обесхрабрувачки фактор и пристапот до финансиски средства. На централно и локално ниво поттикнуваме и стимулираме креирање мерки и политики за вклучување на жените на пазарот на труд. Факт е дека жените повеќе се присутни во трудо-интензивни бизниси, но еден од аспектите на проектот е и нивно насочување кон многу попрофитабилните гранки“, потенцираше претседателот на Сојузот на стопански комори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

