Економија
Фирмите погодени од кризата ќе добијат помош и за октомври, ноември и декември
Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од КОВИД-19 кризата за исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година, предложен од Министерството за финансии, вчера беше усвоен од страна на Владата и истиот ќе биде доставен на усвојување до Собранието. Работодавачите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка до 21.776 денари по вработен, до 7-ми во месецот за претходниот месец, а корисници можат да бидат фирмите кои имаат најмалку 30% пад на приходи во референтниот период од април до октомври 2020 година, спроедено со истиот период минатата година.
Министерството за финансии соопшти дека со оваа мерка ќе се поддржат работните места, платите на вработените, а ќе се инјектираат околу 70 милиони евра во стопанството и ликвидносно ќе се поддржат компаниите.
„Со новиот предлог-закон мерката е уште потаргетирана, односно на фирмите потешко погодени од кризата, предвидено е да им се исплаќа повисока финансиска поддршка. Имено, кај фирмите кои имаат намален приход од 30% до 40%, ќе добијат финансиска поддршка до 14.500 денари по вработен; за намален приход од 40,01% до 50% предвидени се до 15.955 денари по вработен; за намален приход од 50,01% до 60% до 17.410 денари по вработен; за намален приход од 60,01% до 70%, до 18.865 денари по вработен; за намален приход од 70,01% до 80%, до 20.320 денари по вработен и за намален приход од над 80% износот на финансиска поддршката за исплата на плати ќе изнесува до 21.776 денари по вработен. Во однос на подоброто таргетирање – со предлог законот е утврдено дека не се опфатени фирми кои оствариле поголем профит од 10 милиони евра кумулативно во последните три години“, се наведува во соопштението.
Како рефрентен период во законот се зема финансискиот резултат на фирмите од април до октомври, ноември и декември 2020 година и се споредува со истиот период лани. Во случај фирмата да е регистрирана по септември 2019 година, се зема датумот од запишување во Централен регистар.
Фирмите кои аплицираат за мерката не можат да исплатуваат дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда до денот на исплата на платата за декември 2020 година.
Во однос на работниците, фирмите кои аплицираат за финансиска поддршка можат да имаат најмногу 10% од вработените со месечна нето-плата од над 120.000 денари. Фирмите не можат да аплицираат за финансиска поддршка за плата за вработен кој во јуни, јули, август и септември остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно на полно или неполно работно време. Исто така, мерката нема да може да се користи за вработени за кои се користи мерката „Македонија вработува“, како и за вработени кои се ангажирани за дополнително работење.
Работодавачите кои користат финансиска поддршка, бројот на вработени нема да смеат да го намалуваат два месеци по завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка, заклучно со месец февруари 2021 година, освен во случај на пензионирање, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, спогодбено преземање на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски и слично.
Предвидени се и заштитни механизми во предлог-законот, за да платата стигне во целост до работникот. Имено, во случај работодавачот да исплати помала плата на работникот од сумата која му е доделени превидени се глоби до 10 илјади евра, во зависност од големината на правниот субјект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.