Економија
„Растот на платите со кои се фали Битиќи е лага, платите се стопија со порастот на трошоците на живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Уште една голема манипулација на СДСМ кои се во очај! Во отсуство на било какви економски резултати, Фатмир Битиќи на социјалните мрежи сподели графици со растот на платите во приватниот сектор од 2016 до 2023 година фалејќи се дека ја зголемиле благосостојбата на граѓаните и постигнале извонредно зголемување на просечната плата не само во јавниот сектор, туку и во приватниот сектор. Но дали е така“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

„Од вкупно 19 дејности според Националната класификација на дејности, во периодот од 2006-2016 година кога беше на власт ВМРО-ДПМНЕ во вкупно 11 дејности платите растат со посилно темпо од платите во периодот од 2017 до 2023 година.
Во градежништвото, Битиќи се фали дека платата се зголемила за 72%, но во претходниот период на владата на ВМРО-ДПМНЕ платата во градежништвото порасна за 104% (или двојно се зголемила). Се фали дека растот на платите во секторот транспорт и складирање е 50%, но во претходен период на ВМРО-ДПМНЕ растот беше 62%. Во секторот снабдување со вода и управување со отпад се фали дека платата пораснала за 47%, а во претходниот период на ВМРО-ДПМНЕ растот на платата бил 60%.
И сега, за кој повисок раст на плати збори Битиќи? Платите во секторот информации и комуникации силно растат и во двата периода и сите знаат дека овој раст е природен, условен од високата побарувачката како на домашен, така и на меѓународен план. Платите во преработувачката индустрија, рударството и услужните дејности (објекти за сместување и сервисни дејности за храна, административни и помошни услужни дејности), и во трговија на големо и мало, растат позабрзано во периодот од 2017-2023 година во услови на намалена понуда на работна сила, иселување на работната сила, барање на работа во соседни држави, а при постоење на домашна побарувачка за овие дејности. Пазарните сили ја детерминираат цената на трудот. И како е зголемена благосостојбата на граѓаните кога во ваш мандат трошоците за живот пораснаа за НЕВЕРОЈАТИ 35%? Ако се земе предвид и овој раст, којшто вие упорно не го земате, НОМИНАЛНИОТ раст на платите се топи. И пак, ВМРО-ДПМНЕ ве води во реалниот раст на платите кој беше создаван во услови на решавање на висока невработеност и со испорачување двојно повисок економски раст од вашиот! Губитници сте на секое поле“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

