Економија
СДСМ: Платите растат, економијата оди напред
Манипулацијата е единствен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ. Економските политики даваат резултат, платите растат, економијата оди напред, реагира СДСМ по обвинувањата од страна на опозицијата дека економијата тоне.
„За неколку месеци, Владата предводена од СДСМ спроведе низа мерки коишто обезбедуваат повисоки плати, нови работни места, економски раст и повеќе пари кај граѓаните. Законот за минимална плата ја отвори спиралата на раст на платите, денес 90.000 граѓани добиваат повисока плата, а просечната плата бележи раст од 4,6 отсто. Со новата мерка за поддршка на зголемување на платата на работници во трудоинтензивните дејности се отвора можност за зголемување на платите на дополнителни 50.000 работници. Зголемување на платите е обезбедно и за вработените во одбраната, образованието и здравството. Трајно се решава проблемот со стечајните работници и околу 5.000 стечајни работници добиваат месечен материјален надоместок од 7.596 денари. Укинувањето на радиодифузната такса и воведувањето евтина тарифа на електричната енергија, ги намалува трошоците за живот и обезбедува повеќе пари кон граѓаните“, вели СДСМ.
Понатаму додава дека преку Планот за економски раст се реализираат 11 странски инвестиции и, како што велат, за разлика од скапите и неуспешни реклами и роуд шоуа на ВМРО-ДПМНЕ, за новите инвестиции не е потрошен ниту еден денар од парите на граѓаните.
„Владата предводена од СДСМ одгвоорно управува со парите на граѓаните. Преку успешните политики јавниот долг во 2017 година за првпат забележа пад, долговите редовно се сервисираат, а за разлика од скапите, тајните и нерационалните задолжувања на ВМРО-ДПМНЕ по екстремно високи каматни стапки, успешните економски политики на Владата предводена од СДСМ ја враќаат довербата во економијата и Македонија добива историски најниски каматни стапки“, уверува СДСМ.
Според нив, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со успесите во економијата и затоа очајно продолжува да шири лажни вести и се обидува да манипулира со граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

