Економија
СДСМ: Програма за поддршка на руралниот развој вредна над 1,3 милијарда денари

Владата предводена од СДСМ ја усвои програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година, со вкупна вредност од 1,3 милијарда денари. Програмата за поддршка на руралниот развој прераснува во инвестициска програма, со која се помага развојот и модернизацијата на домашното земјоделство, развојот и подобрувањето на условите за живеење во селата, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека преку новата мерка за поддршка на бизнис-план во земјоделството, земјоделците добиваат можност со јавен повик отворен во текот на целата година сами да изберат за каква инвестиција ќе аплицирааат и да добијат неповратен грант до 10.000 евра за модернизација и развој на македонското земјоделство. Продолжува и поддршката за младите земјоделци, кои сакаат да почнат со земјоделска дејност преку грантот од 10.000 евра, кој може да се исплати авансно до 40 % како неповратна финансиска поддршка за почнување со земјоделска дејност на млади земјоделци.
Од СДСМ велат дека со мерката поддршка за поттикнување на земјоделско производство обезбедуваме грант до 20.000 евра како неповратна финансиска помош наменета за зголемување на одржливоста на земјоделската дејност на семејните земјоделски стопанства. Корисниците на оваа мерка исто така имаат можност поддршката да ја добијат авансно до 40 % од вкупната вредност на одобрениот износ. Продолжува и поддршката за руралните жени преку мерката за поддршка на активен женски член во земјоделско домаќинство, каде што е обезбедена грант поддршка до 6.000 евра како неповратна финансиска поддршка.
Обезбедена е финансиска поддршка за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики, како и поддршка за подобрување на квалитетот за живот во руралните средини, обнова и развој на македонските села. Во време на светска економска криза, СДСМ преку Владата и надлежното министерство продолжува да инвестира во земјоделците за зголемено домашно земјоделско производство, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.
Економија
Апел од Стопанската комора по големиот пожар во Виница: Поддршката на Макпрогрес е поддршка за македонската економија

В петок, 12 септември 2025 година, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ќе одржи состанок со ланците маркети, на кој ќе треба да се разговара каква форма на кампања ќе биде реализирана преку малопродажбата со цел засилена продажба на производите на Макпрогрес Виница, креатор на серија докажани и потврдено квалитетни брендови (Винчини, Сончева Долина, Натура, Дониа, Фантазиа) како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни ланци на маркети во Македонија.
Идејата на ваквата заедничка обединета бизнис активност во организација на Комората, е во насока на поддршка на Макпрогрес по пожарот кој сериозно уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката, а имајќи ја во предвид неговата извозна веќе докажана афирмација.
Стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на Макпрогрес според проекциите на менџаментот на Макпрогрес, а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард.
Концептот за идното работење на Макпрогрес, но и случувањата во саботата во фабриката, првиот човек на Макпрогрес, Глигор Цветанов лично ќе им го соопшти на присутните на состанокот во Комората во петок.
„Паралелно ако се следат масовните објави и повиците на социјалните мрежи за поддршка на Макпрогрес и иницијативите за акции на купување на нивните производи од различни индивидуалци, инфлуенсери, истакнати личности, за само два дена од случувањето на немилиот настан (пожарот што се случи во фабриката), може да се констатира дека станува збор за исклучително невообичаен настан, односно креирање таков позитивен амбиент во јавноста, што само ја потврдува големината и квалитетот на Макпрогрес како домашен македонски бренд за што менаџментот на компанијата изразува голема благодарност до сите оние кои деновиве несебично иницираат и даваат идеи за поддршка“, велат од Стопанската комора.
И како што вели првиот човек на Макпрогрес Глигор Цветанов, „солидарноста која ја видовме деновиве, уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“.
Економија
„Тесла“ ветува историска исплата за Маск од дури 1 трилион долари

Илон Маск би можел да стане првиот човек во историјата кој ќе добие акции во вредност од еден трилион долари, доколку во следната деценија „Тесла“ ги исполни своите најамбициозни цели, соопшти Управниот одбор на компанијата.
Според новата програма за наградување, Маск нема да добива пари или класични бонуси, туку акции, чија вредност би достигнала историски рекорд доколку плановите се реализираат.
Меѓу условите се вклучени продажба на 12 милиони електрични возила, лансирање на еден милион роботи со вештачка интелигенција и осмократен раст на вредноста на компанијата.
Претседателката на Управниот одбор, Робин Денхолм, изјави дека иако задачите изгледаат скоро невозможно, токму визијата на Маск и неговата упорност се гаранција за успех.
„Задржувањето и мотивирањето на Илон е клучно за ‘Тесла’ да стане највредната компанија во историјата“, порача Денхолм.
Оваа објава доаѓа само еден месец по одлуката на американски суд, со која Маск доби 29 милијарди долари во акции, откако претходно беше поништено грандиозното доделување од 50 милијарди долари поради негова неправедност кон акционерите.
Со новата програма, „Тесла“ испраќа порака дека иднината на компанијата останува тесно врзана за најбогатиот човек на планетата и неговите визионерски планови.