Економија
СДСМ: Целосен дебакл со откупот на пиперката, ВМРО-ДПМНЕ ги остави земјоделците на цедило
„Со ВМРО-ДПМНЕ и Трипуновски земјоделството повторно е на колена. Откупот на индустриската пиперка-ајварка е целосно застанат, земјоделците се оставени на цедило, со реколта што скапува на нивите. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ветуваше договорена цена од 45 денари за килограм, а денес откупната цена изнесува понижувачки 20 денари“, соопшти СДСМ.
„Половина од годинешната реколта стои на нивите без откуп. Производителите се очајни, не знаат што да прават со родот кој со месеци го произведуваа со трошоци и труд, а државата не презема мерки да им помогне.
Дополнителен удар за земјоделците е фактот што субвенциите за пиперката од минатата година сè уште не се исплатени. Ова е јасен доказ за целосниот хаос и неспособност во земјоделската политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ предупредува дека ова е една од најтешките години за земјоделството, а владата нема ниту план, ниту организација, ниту волја да им помогне на земјоделците. Ако продолжи оваа незаинтересираност, наредната година Македонија ќе се соочи со рекордно ниско производство и со сериозни економски последици.
Лошата организација на откупот и изостанокот на финансиска поддршка кон стратешки извозно ориентираните култури, како што се пиперката, доматот, праската и јаболкото, веќе создаваат големи загуби.
СДСМ бара Владата веднаш да преземе мерки, да воспостави јасна динамика на откуп, да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за предадената пиперка и итно да ги исплати заостанатите субвенции“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

