Економија
Склучен договор со банките за обесштетување на клиентите на „Еуростандард банка“
Фондот за осигурување на депозити ги известува депонентите физички лица (резиденти и нерезиденти) на „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај дека е склучен договор со банките исплатувачи. Во текот на следните денови, Фондот преку соопштение до медимуите и јавноста ќе ги извести депонентите за точниот датум на почетокот на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити кај банките исплатувачи и за распоредот на депоненти по банки исплатувачи.
Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката за да го оствари правото на обесштетување. Со тоа се постигнува депонентите да не чекаат одделно за подигнување на потврдите од „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај.
Банките исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во Потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација. Полномоштвата/овластувањата кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во “Еуростандард банка” АД Скопје ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките-исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена.
Во случај на спреченост депонентот лично да го оствари своето право на обесштетување, банките исплатувачи ќе вршат исплата на средствата и на лице овластено врз основа на полномошно заверено од нотар.
Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.
Банките исплатувачи преносот на средствата на обесштетување ќе го вршат на следниот начин:
-Доколку износот на обештетувањето е еднаков или поголем од 5.001,00 денар, банката исплатувач ќе изврши пренос на средствата за обесштетување на трансакциската сметка на депонентот во банката исплатувач.
-Доколку депонентот нема отворено трансакциска сметка во банката исплатувач, истата ќе биде отворена согласно законските прописи. По отвoрање на сметката, банката исплатувач ќе изврши пренос на средствата за обесштетување на трансакциската сметка на депонентот.
-Доколку износот на обесштетувањето е еднаков или помал од 5.000,00 денари, банката исплатувач од наменската сметка на Фондот во банката исплатувач ќе изврши готовинска исплата на средствата за обесштување, доколку депонентот до тој момент нема отворено трансакциска сметка во банката исплатувач.
Во случај депоненот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, банката исплатувач независно од износот на обесштетување, нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на којашто ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.
Банките исплатувачи ќе вршат исплата на обесштетувањето во рок од 36 месеци од денот на почеток на исплатата.
По истекот на овој временски период депонентите, односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

