Економија
Славески – Паолучи: Народната банка е важен фактор за стабилноста
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари прва работна средба со директорот на Светската банка во Северна Македонија, Масимилијано Паолучи.
На средбата беше нагласено дека Народната банка е кредибилна институција и столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјата. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на досегашната успешна соработка меѓу двете институции и изразија подготвеност за продлабочување на партнерството, особено во контекст на структурните реформи, дигитализацијата и унапредувањето на сеопфатноста и отпорноста на економијата.
Гувернерот Славески посочи дека Народната банка и во иднина ќе биде отворена за соработка во областа на техничката помош и анализа, особено преку проекти коишто ќе придонесат за натамошно зајакнување на институционалниот капацитет, како и за поддршка на политиките за финансиска вклученост и одржлив развој.
Директорот Паолучи истакна дека Светската банка е свесна за значајната улога на Народната банка во одржувањето на стабилноста и на довербата во економијата и изрази подготвеност за понатамошна поддршка на процесите важни за економскиот напредок на земјата.
_______________
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

