Економија
Сметководителите предупредуваат дека без системски решенија ќе следат големи проблеми
Правните лица за кои се вршат сметководствени услуги се веќе погодени од кризата и намалена им е ликвидноста, тоа се одразува со задоцнетото подмирување на обврските, многу од нив најавуваат и затворање на своите бизниси, со што повеќе од извесно е дека приходите брзо опаѓаат, беше истакнато на денешната прес-конференција на Комората на сметководители на Македонија.
Претседателот на Комората, Драган Митковски, истакна дека сметководствената професија е засегната од моменталната состојба, со оглед на тоа што угостителите, продажните центри, агенциите и хотелите две недели не работат, а останатите дејности работат со многу намален интензитет, а со тоа нема финансиски приливи.
Голем број компании за кои се вршат сметководствени услуги најавуваат затворање на своите бизниси, со што и приходите на компаниите од сметководствената дејност повеќе од извесно е дека ќе се намалат.
„Доколку вака продолжи, кога ќе заврши оваа сериозна криза предизвикана од вирусната инфекција Ковид- 19, ќе немаме стопанство. Сметководството и целиот финансиски сектор е од голема важност, со оглед на тоа што ги подготвуваат финансиските извештаи неопходни за работа на банките и институциите. Мерки кои треба да се преземат во моменталната состојба се пролонгирање на роковите за поднесување даночни поднесоци и останати извештаи, 30 дена по престанок на вонредната состојба. За ова веќе се поднесени неколку барања до Влада, МФ, УЈП и ЦРМ, понатаму повратот на повеќе платеното ДДВ од страна на државата да се скрати од 30 на 20 дена. Укинување на обврската за плаќање месечни аконтации на данок на добивка, а добивката, доколку ја има, ќе си ја платат компаниите редовно следната година, истото важи и за данокот на личен доход за засегнатите дејности за 2020, со што се подобрува ликвидноста и се обезбедува на крајот на годината данокот да го платат врз основа на реалниот резултат, кој поради пандемијата ќе биде понизок од оној во 2019, а кој се зема како база за пресметка на аконтациите“, рече Митковски.
Тој кажа дека потребно и е целосно укинување на сите затезни камати, не само нивно намалување, потоа сервисирање на долгот по основ на сите даноци во наредни 12 месеци по завршување на вонредната состојба.
„Дополнително, субвенционирање на плати и придонеси во сите сектори, не само туризам, транспорт и угостителство како први директно погодени, како и да се донесе Закон за кризен данок и фискална контрола во кризни ситуации, со времетраење од 6 до 8 месеци. Со ова ќе се води контрола на профитерство во кризни моменти, како и ќе даде можност за менаџирање на приходната и расходна страна на буџетот“, рече Митковски
Тој додаде и дека во Комора на сметководители во тек е акција на прибирање средства со кои ќе се обезбедат хигиенски препарати, заштитни маски и ракавици, кои ќе се донираат на некои од ранливите категории и членовите на Комората, се на располагање на државните институции за про боно помош, особено за анализа на флуктуациите во економијата и изготвување акциски план.
Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители, истакна дека во мерката за бескаматно кредитирање вчера што ги објави Развојната банка, критериум за директната кредитна линија процесот за аплицирање бара документи како тековна состојба, завршна сметка за фискалната 2019 година, потврда за платени даноци и придонеси од УЈП и уште 5 други образци, документи кои најчесто ги вадат сметководителите и со ова ќе се зголеми фреквенцијата во работа на терен со компании, странки и вработени по шалтери по институции, што дополнително ќе го зголеми степенот на можност за здравствениот ризик.
„Бараме итно, за овие документи да се плати единствено административна такса, а Развојната банка да си ги добави електронски по службена должност што ќе го намали времето за добавување и аплицирање, дополнителните финансиски трошоци и време, а ќе го намали и ризикот по здравјето на вработените во нашата дејност. Дополнително, во услови кога сите светски економии за повеќе месеци ги одложуваат роковите за поднесување на сите даночни поднесоци и останати извештаи, со цел да се намали движењето на луѓе и размена и контакт со документи кои не знаеме од каде доаѓаат, ние се соочуваме со одложувања од само неколку дена, а истото се објавува на ден пред истек на рокот. Со ова постојано сме во неизвесност, и во услови кога заради почитување на препораките и мерките за заштита работиме со намален човечки и временски капацитет, и ние, и целото стопанство, невозможно е да обезбедиме навремено и точно запазување на овие обврски без одложување“, изјави Андреева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

