Економија
Собранието го усвои Буџетот за 2020 година
Собранието го изгласа Буџетот за 2020 година со 65 гласа „за“. Буџетот за догодина е насочен кон инвестиции во човечкиот капитал, односно вложување во подобро здравство, образование и социјала, соопшти Министерството за финансии.
Вкупните приходи за 2020 година се проектирани на 222,3 милијарди денари, а расходите на ниво од 239,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3% од БДП или 17,385 милиони денари во апсолутен износ.
„Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја, сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живот и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на нивните работни места? Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област, и треба да ги задржиме во земјава да бидат дел од јавното здравство. За да мотивираме дел од квалитетните студенти да работат во просветата, треба да им понудиме пристојни плати. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните“, рече министерката за финансии Нина Ангеловска образложувајќи го буџетот.
Заменик министерката за финансии, Ширет Елези, на расправата за буџетот истакна дека тој е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
„За здравствена заштита се планирани средства во износ од 33,7 милијарди денари или за 2,8 милијарди денари повеќе во однос на годинава. Со нив е предвидено зголемување на капитацијата, достапност на лекови во тек на цел месец. Со буџетот за 2020 година, предвидено е покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25%, кај општите лекари за 15%, кај сестрите за 10%, додека кај здравствените соработници за 5%. Ова следи по покачувањето на платите за 10% од јануари 2019 година за лекарите и зголемувањето од 5 % во септември 2019 година за сите кадри во здравството, односно трето покачување досега“, рече Елези.
Социјалните трансфери се проектирани на износ од 116 милијарди денари. Во текот на 2020 година 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии како соодветно обезбедување на оваа категорија на население. Со буџетот за 2020 година е планирано покачување на пензиите за околу 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија. За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 1,6 милијарди денари.
Капиталните инвестиции се планирани на ниво од 23,8 милијарди денари и се обезбедуваат од буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Во рамки на ова ниво на капитални инвестиции најзначајно учество имаат инвестициите во патна и железничка инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура. На овие инвестиции отпаѓаат околу 36% од вкупните планирани капитални расходи во Буџетот за 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

