Економија
„Соработка за економски напредок“: средба меѓу гувернерот на Народната банка и претседателот на Стопанската комора

Во духот на заедничката определба за поттикнување на економскиот развој и за зајакнување на институционалната соработка, во Народната банка денес се одржа средба меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На средбата беше нагласена важноста на постојаниот дијалог помеѓу носителите на економската политика и бизнис-заедницата, особено во контекст на актуелните светски и регионални економски предизвици. Претседателот Азески истакна дека Комората е подготвена за понатамошна активна соработка со Народната банка, изразувајќи поддршка за професионалноста и кредибилитетот што гувернерот Славески ги носи на оваа позиција, известува Народната банка.
Во разговорот беа отворени теми поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност, пристапот до финансии за стопанството, како и улогата на Народната банка во создавањето поволно деловно опкружување. Двете страни се согласија дека со заемна отвореност и координација може да се придонесе за поефикасно исполнување на стратегиските економски цели на земјата.
Гувернерот Славески ја истакна заложбата на Народната банка за транспарентност, предвидливост и поддршка на стабилноста, како предуслов за одржлив раст. Тој упати благодарност за поддршката и изрази задоволство од иницијативите на Комората за продлабочување на комуникацијата со институциите од финансискиот сектор.
Средбата заврши во конструктивен дух, со договор за засилување на соработката преку редовни консултации и размена на анализи и мислења од заеднички интерес, се наведува во соопштението од Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.