Економија
Сојузот на стопански комори предложи 25 мерки за економски спас
Сојузот на стопански комори на Македонија минатата недела достави 25 мерки за економски спас, кои очекува Владата да ги усвои и имплементира во соодветна временска рамка.
Од Сојузот велат дека економските мерки се базирани на реалните потреби на стопанството. Нагласуваат дека стопанството се соочува со голем број предизвици, од кои најголем е нарушената ликвидност која многу брзо, доколку не се обезбеди итна финансиска помош, може да доведе до затворање на правните субјекти.
Сојузот апелира за конкретна поддршка која ќе пристигне директно кај претпријатијата. Претседателот на ССК, Данела Арсовска, истакна дека предлог-мерките се скромни со оглед на состојбите во економијата и се засновани на широк процес на консултации во приватниот сектор.
„Приоритетна мерка треба да биде директна таргетирана финансиска поддршка преку доделување грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање.
Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, со цел да им се овозможи на сите право подеднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Исто така, од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постоечките кредити за оние претпријатија кои се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките“, изјави Арсовска.
Сојузот на стопански комори на Македонија смета дека од голема важност е да се обезбеди олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци, како што се оние за тековните оперативни потреби. Апелира на потранспарентно промовирање на кредитните линии кои се достапни, да се овозможи сите на кои им се потребни да имаат можност за пристап до овие средства, како и обезбедување национална гарантна шема за поддршка на претпријатијата при кредитирањето.
Меѓу останатите мерки кои се бараат е и директно и неселективно продолжување на мерката месечна финансиска помош од 14.500 денари до март 2021 година. Сојузот апелира и за одложување на сите даночни долгови за 2020 година и истите да се плаќаат на рати, без камата. Потребно е и итно справување со сивата економија со соодветни достапни механизми кои може да се имплементираат веднаш.
Дополнително Сојузот достави посебни финансиски мерки за секторите угостителство, туризам и транспорт. Велат дека важно е да не се дозволи претпријатијата од секторот транспорт да пропаднат во време на криза, затоа што основните транспортни услуги нема да бидат лесно достапни кога ќе започне периодот на економското закрепнување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.