Економија
Спасовски на годишнината на Стопанската комора: Ги зголемивме инвестициите и отворивме нови работни места
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, присуствуваше на свеченоста за одбележување на 98-годишнината од работењето на Стопанската комора на Македонија.
На свеченоста на која беше презентирана и студијата на ОЕЦД на тема „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции“, присуствуваа и заменик-претседателка во Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и шефицата на ОЕЦД за Југоисточна Европа, госпоѓа Марзена Кисиелевска.
Премиерот Спасовски во своето обраќање истакна дека оваа годишнина е показател на долгата традиција на здружување и на заштита на интересите на стопанствениците, но и на фактот дека Стопанската комора е сопатник низ историјата на македонската државност. Во текот на овие речиси 100 години Комората даде огромен придонес за развојот на македонското стопанство, а од огромно значење е и нејзината посредничка улога во обезбедување деловни врски на своите членки со компании од Европа и светот.
„Економската програма на Владата во голем дел е создадена од економските аспекти што дојдоа како препорака токму од Стопанската и другите комори. Економските политики на Владата во изминатите две и пол години направија огромен пресврт на повеќе полиња. Во мај 2017 година наследивме БДП од минус 1,8 проценти и го зголемивме на 3,6 проценти во просек за последните четири квартали. Отворивме 60.000 нови работни места, што е рекорд за толку кратко време, и ја намаливме невработеноста на 17,1 отсто, што е незапаметена бројка во историјата. Со вакво темпо и со очекуваните инвестиции, полноправното членство на државата во НАТО, до 2024 година стапката на невработеност проектираме да достигне под 10 отсто. Членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ ги зголемуваат безбедноста и стабилноста на земјата, со што се создава подобра основа за економски раст и развој“, истакна Спасовски.
Премиерот рече дека ова ќе влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и на зголемувањето на домашните и странските инвестиции и дека со членството во ЕУ влегуваме во голем и развиен пазар и ги зголемуваме перспективите за економски раст.
„Сакаме да создадеме креативна, модерна, дигитална економија, која ќе значи современа економија на третата деценија на 21 век“, истакна Спасовски.
Заменичката на премиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска се заблагодари на довербата и соработката со Стопанската комора на Македонија и истакна дека без нејзините идеи и сугестии, креирањето на законите, плановите и мерките, немаше да ги даде посакуваните резултати, со кои се подобри бизнис-климата и се одговара на потребите на пазарот на трудот.
„Повеќе од очигледно е дека компаниите се ослободени и се развиваат. Тоа можеме да го забележиме преку растот на индустриското производство, кое во двете години расте со стапки од над 5 отсто. Расте и трговската размена, која во 2019 година бележи раст од 10 отсто. Во пари тоа значи дека вредноста на извозот лани изнесувал рекордни 6,4 милијарди евра, а во 2016 година 4,3 милијарди евра, или во споредба со 2016 година пораснал неверојатни 48 отсто. Сите овие позитивни бројки се резултат на наша заедничка и посветена работа. Но, не треба да ги заборавиме и нашите партнери од Запaден Балкан, со кои го јакнеме регионалното поврзување и заеднички создаваме услови за подобар економски раст и развој“, истакна Царовска.
Шефицата на ОЕЦД за Југоисточна Европа, Марзена Кисиелевска, изрази задоволство од соработката со Владата во креирањето политики за инклузивен стопански раст. Таа истакна дека економиите на Западен Балкан се соочуваат со големи предизвици, но и дека има забележителен напредок. Кисиелевска ја посочи и важноста на регионалната соработка бидејќи, како што истакна, без силни локални партнери не може да се искористат странските инвестиции.
Во рамките на денешната церемонија, премиерот Спасовски и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, ги доделија признанијата за најуспешни компании за 2019 година за компании со висок степен на финализирани производи за извоз, награди за долгогодишни активни членки на Стопанската комора, признанието за компанија со најголем број учесници на едукативни настани во Стопанската комора во 2019 година и специјалното признание за компанија со континуирана долгогодишна активност и опстојување на македонскиот пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

