Економија
Средба на гувернерката со учениците што донесоа бронзен медал од Меѓународната економска олимпијада

„Финансиската едукација и финансиската инклузија, со особено внимание на младата популација, се значаен приоритет на Народната банка. Оттаму, Народната банка поддржува повеќе инцијативи во овој сегмент, вклучително и учеството на Меѓународната економска олимпијада, а особено радува кога младите се истакнуваат со забележителни знаења на меѓународните натпревари“. Ова беше посочено од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на денешната средба со учениците од средните училишта, годишните учесници на Меѓународната економска олимпијада и професорите Анета Гацовска-Барандовска и Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, кои ги координираа подготовките на тимот.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска упати срдечни честитки до добитникот на бронзениот медал, ученикот Давид Ставров од ПСУ „Алгоритам“, Скопје, како и до Рина Толева и Давид Арсовски од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Скопје, кои во состав на нашиот тим нè претставуваа на Економската олимпијада во Волос, Грција. На Шестата меѓународна економска олимпијада, која се одржа во периодот од 25.7. до 2.8.2023 година, учествуваа 50 тима од 48 земји во светот, а домаќин беше Универзитетот на Тесалија од Волос. Учениците се натпреваруваа во три дела: тест од економија, игра за финансиска писменост и бизнис-студија. Охрабрувачки факт е дека меѓу големиот број водечки економии во светот ние го освоивме дваесет и второто место во генералниот пласман.
Народната банка зеде активно учество во подготвителните активности на учениците за учество на Олимпијадата. Активностите на централната банка, поточно серијата предавања за учениците во состав на нашиот тим, како и презентациите за дополнување на знаењата и одговорите на различните модули вежби и едукативни игри, се во рамките на соработката што централната банка ја остварува со Сојузот на математичарите, а за што е склучен и меморандум за соработка. Финансиската едукација исто така е еден од стратегиските приоритети на Народната банка за што е усвоена и стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија од страна на финансиските регулатори, предводени од Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.