Економија
ССК: Новите рестриктивни мерки за угостителскиот сектор се селективни и непрецизни
Туристичко-угостителската комора на Македонија истакнува дека новите рестриктивни мерки што ги усвои Владата се селективни и непрецизни поради што се доведува во прашање ефектот што тие треба да го постигнат. ТУК досега ги поддржуваше сите здравствени мерки, кои придонесуваат за намалување на последиците од пандемијата и активно го промовира почитувањето на протоколите за работа, но сега смета дека единствен ефект од новите решенија ќе биде драматично влошување на состојбата на угостителскиот сектор.
„Повеќепати досега беше изнесено барање Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да презентираат епидемиолошки анализи, кои ќе покажат дека угостителството е поголема причина за ширење на заразата отколку некои други сектори, како меѓуградскиот и градскиот транспорт, работата на шалтери, работата во големи работни колективи, партиски активности. Досега не се презентирани такви податоци поради што мора да заклучиме дека угостителството е избрано за рестрикции како пример пред јавноста поради немањето желба или можност власта да се справи со други жаришта. Највидлив пример за несоодветното однесување на надлежните институции е нереагирањето на прославите што беа организирани во партиски штабови надвор од сите протоколи, без дистанца и со блех-музика.
Мерките се непрецизни бидејќи не е јасно на кои угостителски објекти се однесува. Да потсетиме дека кога претходно имаше рестрикции, Државниот пазарен инспекторат толкуваше дека тие ги вклучуваат и хотелите. Исто така, саканиот ефект – сузбивање на епидемијата – сметаме дека нема да се постигне и доколку угостителските објекти работат ограничено, а другите сектори функционираат редовно. Во такви услови луѓето само ќе се префрлат од угостителските во другите објекти што работат. Исто така, нејасно е и каков ефект ќе даде ограничување на работењето на угостителските објекти во земјата ако не се забрани патување во странство. Сакаме да нагласиме и дека неопходно е воведувањето дополнителни рестриктивни мерки да биде паралелно проследено со обезбедување соодветни економски мерки за поддршка на секторот“, се вели во соопштението на Сојузот на стопанските комори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

