Економија
ССК: Итно да се преземат чекори за справување со енергетската криза
Итно да се преземат чекори за справување со енергетската криза, порачаа од Сојузот на стопанските комори. Од Сојузот се децидни дека стопанството две години се соочува со многубројните предизвици кои произлегоа од здравствено-економската криза, а кои бараат голема ангажираност за одржување на деловната активност на претпријатијата. На овие околности се надоврзува енергетска криза, проследена со пораст на цените на енергенсите, општ пораст на цените и висока стапка на инфлацијата.
„Енергетската криза е нов предизвик за претпријатијата, бидејќи ја нарушува нивната ликвидност, профитабилност и ја намалува нивната конкурентност. Во услови кога со години нема сериозни инвестиции во енергетскиот сектор кои ќе ја обезбедат неговата стабилност неопходно е надлежните институции да ги преземат сите мерки со цел успешно справување со состојбите од енергетската криза. Последиците кои ги чувствуваат претпријатијата од економската криза се силно изразени, а владата треба преку брзи и ефективни мерки да обезбеди итна поддршка за домаќинствата и претпријатијата, како и таргетирани даночни олеснувања. Преку координирана акција и пакет-мерки ќе се ублажи непосредното негативно влијание од зголемувањето на цените и дополнително ќе се зголеми отпорноста од идните ценовни шокови“, велат од ССК.
Сојузот порача дека во оваа насока потребна е интервенција кај акцизите, ДДВ и дополнителните надоместоци кои дополнително ја зголемуваат цената на горивата, а кои претставуваат околу 46 отсто од малопродажната цена се давачки кон државата (согласно композицијаата на цената на горивата објавена ва одлуките на РКЕ). Со ова, како што велат од ССК, ќе се неутрализира негативното влијание што го имаат зголемените цени на горивата врз целокупното поскапување, особено бидејќи предизвикува проблеми со ликвидноста на компаниите и граѓаните и ја намалува општата куповна моќ, негативно влијаејќи и на агрегатната потрошувачка.
Сојузот на стопанските комори смета дека недостигот од електрична енергија може да се намали со системски мерки и поттикнување инвестиции во енергетскиот сектор.
„Нашата земја има природни ресурси, сончевата енергија кои може да се стави во функција на дополнително обезбедување електрична енергија. За таа цел треба да се олеснат процедурите за добивање дозволи за соларни панели кои се поставуваат на покривите на индустриските објекти, како и за соларни електрани. Проектитe од ваков тип треба да имаат поедноставени постапки, да бидат поддржани со цел компаниите да бидат мотивирани да преземат ваков тип инвестиции. Во сегашната состојба дестимулативно е што нема сеопфатна директна поддршка за енергетски ефикасни технологии, а често компаниите што инвестираат во обновливи извори на енергија се елиминирани од финансиска поддршка според Законот за финансиска поддршка на инвестициите, бидејќи се принудени да поседуваат лиценци за секоја соларна електрана, а секоја компанија која поседува лиценца не може да користи финансиска поддршка согласно Законот. Во таа насока потребна е измена на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со цел да бидат опфатени и инвестициите во обновливи извори на енергија“, велат од ССК.
На овој начин, како што додаваат, недостигот на електрична енергија ќе се намали, ќе се намалат производните трошоци на претпријатијата и ќе креираат дополнителни работни места. Долгорочно треба да се нагласи и големото значење за обезбедување на економски суверенитет на земјата кој вклучува постигнување одржливост од аспект на оптимално производство на храна и енергија, како и од аспект на користењето на природните ресурси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

