Економија
ССК: Либерализацијата на услугите потенцијал за развој на поштенската индустрија
Ефикасни услуги за достава, учество на поголем број компании на слободен пазар за обезбедување подобри и поквалитетни услуги за крајните корисници, како и имплементација на нови трендови во брзината и сигурноста на достава на поштенски пратки како напредни софтверски решенија за следење на пратките, се неколку важни аспекти што треба да се имплементираат за подготвеност на либерализацијата на поштенските услуги очекувано да почне од 1 јануари 2020, а која веќе 4 години се одложува.
Потпретседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Александар Милошевски, истакна дека во согласност со извештаите на Агенцијата за поштите над 2.000 граѓани годишно поднесуваат поплаки за изгубени поштенски пратки. Во таа насока потребна е имплементација на нови трендови за брзина и сигурност на поштенските текови како прв чекор за навремена достава на пратките.
„За клиентите, најбитна е навремена и сигурна достава на пратките и токму кон тоа треба да се стремат поштенските оператори. За таа цел, потребана е заштита на слободната конкуренција на пазарот, унапредување на интересите на стопанството и корисниците на поштенски услуги. Приватните поштенски оператори во Сојузот ја очекуваат долгонајавуваната либерализација на поштенскиот пазар, кој во моментот е ограничен, односно само ‘Македонска пошта’ е надлежна за поштенската услуга во резервираната област за пратки со тежина до 50 грама. Што поголема либерализација и можност за учество на поголем број компании на слободен пазар дава можност за обезбедување подобри и поквалитетни услуги“, истакна Милошевски.
Тој рече дека живеејќи во време во кое онлајн-трговијата сериозно се зголемува, поштенските оператори како крајна алатка на тој синџир треба да бидат посилни со квалитетна услуга.
„Потенцијалот на разавој на поштенските услуги во денешното дигитално време се поврзува и со сегменотот на е-трговијата во Македонија, која е во постојан раст. Во согласност со податоците на Народната банка, во текот на 2018 година реализирани се над 5 милиони онлајн-трансакции наспроти речиси 4 милиони онлајн-трансакции во текот на 2017 година, што претставува пораст од 21 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, 406 илјади граѓани купувале онлајн минатата година, а тоа е 31,6 отсто од интернет-корисниците, за разлика од 19,5 отсто истиот период минатата година, што претставува пораст од 62 отсто. Сето ова отвора поле на работа за операторите на поштенските услуги и можности за развој и напредување на поштенската индустрија“, изјави Милошевски.
Забелешките на Европската комисија во делот на поштенската индустрија се целосна либерализација на поштенскиот пазар во државата и продолжување на јакнење на административните капацитети на регулаторното тело. Во Македонија, според податоците на Агенцијата за пошти, регистирани се 38 даватели на услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.

